Македонија 12. октомври 2020. / 11:45

Градска улица во Тетово како земјен пат -општината чекала пари од Светска Банка

Градска улица во Тетово како земјен пат -општината чекала  пари  од Светска Банка

Улицата „Гоце Делчев“ во Тетово што ги поврзува населбите од стариот дел на градот се повеќе наликува на земјен пат. Некои делови од улицата се со бекатон плочки, а дел од делницата е калдрма, но поради неодржувањето и оштетување на овие елементи се повеќе на виделина се појавува земјата. Делот до улицата кај населбите Певчина и Поток се најоштетени, на многу места ги нема бекатон плочките па така вистински предизвик претставува движењето со возило.

Управување возило на оваа делница подразбира обид за маневрирање со намера дупките да се поминат со што помала брзина и полека со цел да не се оштетат гумите и воопшто возилата. Од потегот градски гробишта, покрај Чапчаково сокаче се до Певчина каде претежно има бекатон плочки, возењето наликува на сцените од авантуристичките емисии каде се совладуваат нерамни планински патишта познати како оф-роуд возења. На овој потег единствено околу еден метар или стотина сантиметри може да се најде рамна и неоштетена делница.

Понатаму на улицата „Гоце Делчев“, кон населбите Два бреста и Колтук ја има калдрмата најверотно првпат поставена во Османсликиот период. Предизвикот за движење по оваа улица се состои во тоа што освен избегнувањето на дупките треба да се внимава со возило да не се преврти поради непостоење на нивелација. Од едниот до другиот крај на улицата по широчина, но и по должина со возило се среќаваат разни нивоа на издаденост на калдрамата над земјата. И тука се внимава да не се оштетат возила, а пешаците да не се повредат движејќи се по дупките.

Од 2013-та година кога започна првиот мандат на сегашната градоначалничка Теута Арифи постојано се најавува дека ќе се реконструира улицата Гоце Делчев. Изминативе две години се повторува најавата дека во план е да се реконструира целата улицата со проект поддржан од Светската банка, заедно со уште две улици во Тетово.

За улицата Гоце Делчев се чекаат средства од Светска банка за да се започне реконструкцијата, е најновиот одговор од канцеларијата за односи со јавноста при Општина Тетово.

Обновата на оваа улица беше и дел од предизборните ветувања. Сега веќе пратеничката Фаница Николоска од СДСМ во текот на изборната кампања имаше обраќање токму од оваа улица кога посочи дека има средства за реконструкција.

–Денес, имаме убава вест, за жителите на улиците Гоце Делчев и Ѓоце Стојчевски, но и за сите граѓани на Тетово. Светска банка го одобри првиот тендер за реализација на проектот за изградба и санација на локални улици и патишта во општините вреден вкупно 70 милиони евра. Одобрени се средства за целосна реконструкција, асвалтирање по стандарди од Светска банка со поставување на комплетна вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација, истакна на 11 јули Фаница Николоска.

Од канцеларијата на Светска банка во Македонија потврдуваат дека реконструкцијата на улица „Гоце Делчев“ е дел од финансиска поддршка преку Проектот за поврзување на локалните патишта (ППЛП или кратенка од англиски LRCR The Local Roads Connectivity Project), како и дека тендерската постапка е започната дури на 10 септември.

Проектот за поврзување на локалните патишта започна со имплементација во декември 2019 година и ќе заврши во рок од пет години до декември 2024 година. Проектот ќе се спроведува преку Министерството за транспорт и врски како агенција за спроведување. Општина Тетово го покажа својот интерес за имплементација на локални патишта и улици во рамките на Проектот за поврзување на локалните патишта уште од раната фаза на подготовка во април 2019 година, пред да се потпише Договорот за заем. Дел од списокот на кандидати за локални патишта / улици за рехабилитација во рамките на Проектот беше улицата „Гоце Делчев“. Според барањето и како приоритетен под-проект на општината, улицата Гоце Делчев веќе е дел од Тендер 1 – Физички работи за подобрување на локалната патна инфраструктура во избрани општини според дизајн – Лот 1, Лот 2, Лот 3 Лот 4 и Лот 5, кое јавно отворање се случи на 10 септември 2020 година во Министерството за транспорт и врски, се вели во известувањето од канцеларијата на Светска Банка во Скопје.

–Во овој момент тече тендерската постапка за Тендер 1 во кој е вметната и улица „Гоце Делчев“. Во овој момент поднесените апликации се во фаза на евалуација. Очекуваме некаде октомври да се направи прелеминарна селекција на фирмите и да се достави до Светска банка на одобрување, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Долж улицата Гоце Делчев, инаку долга околу 1000 метри, се наоѓаат православните гробишта, црквите „Свети Димитрија“ и „Свети Кирил и Методиј“, седиштето на тетовската епархија, Спомен куќата на комунистичката партија, основно училиште „Андреа Савески Ќиќиш“ како и простории на подрачните единици на Управата за водење матични книги поради кои има и голема фреквентност на луѓе и возила. Воедно улицата претставува значајна делница до други голем број важни објекти како што се музичкото улчилиште, стадионот, верски објекти. Друга карактертистика за овој стар дел од Тетово долж улицата се и куќите со автентична градска архитектура со чардаци кои, исто така се повеќе ги нема поради реконструкции или градење нови објекти.