Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, објави дека е позитивен на корона вирус.
„Почитувани пријатели, роднини и сограѓани, ве информирам дека по појавата на втор позитивен случај на ковид-19 во редовите на општинската администрација, вчера на сопствена иницијатива направив тест, кој е позитивен.
За таа цел во следниот период се повлекувам во домашна изолација.
Во исто време сите вработени од денес 02.09 до 09.09.2020 ќе бидат ослободени од работните обврски, а општината нема да работи освен за итни и неодложни потреби.
Екипи на Јавно Здравје веќе прават целосна дезинфекција на работните простории и возниот парк. Никој не е имун! Носете заштита и почитувајте ги препораките на Комисијата за здравство“ – порача Мицевски.
Досега во Крива Паланка се регистрирани 48 случаи на Ковид-19, а активни се уште 13.