Македонија 27. март 2019. / 14:41

Градоначалниците на Бутел и Ресен извршувале повеќе функции истовремено

Градоначалниците на Бутел и Ресен извршувале повеќе функции истовремено

Двајца градоначалници се на листата на функционери кај кои Државната комисија за спречување корупција утврди судир на интереси по извршените проверки на доставените изјави за интереси.

Градоначалникот на општина Бутел Велимир Смилевски пријавил дека ја извршува и функцијата член на Управниот одбор на Градскиот трговски центар од 2017 година, а градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревки, истовремено е член на Управниот одбор на ЈП „Студенчица – Кичево“, исто така од 2017 година.

На листата каде што антикорупционерите констатираа судир на интереси се уште 16 службени лица, кои истовремено биле директори, членови на општински совети, членови на управни и надзорни одбори во јавни претпријатија.

– Утврдена е листа на лица што извршувале две или повеќе функции истовремено. Кај сите има судир на интереси и тие се известени дека треба да си го отстранат судирот на интереси. – рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска, и нагласи дека поради неспојливост на функциите, предидена е и прекршочна постапка.

Антикорупционерите утврдиле дека Ѓорги Граматиков извшувал три функции што не може да бидат споени, односно пријавил дека е член на Советот на Општина Дојран, член на Управниот одбор на градинката „Кокиче“ во Дојран од 2014 година и член на Надзорниот одбор на ЈП за комунални дејности „Полин“ од 2013 година.

Александар Цуцулоски, член на одборот на директори на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, истовремено е член на Управниот одбор на студентскиот дом „Пелагонија“ од 2017 година.

Љупка Јаневска, в.д. директорка на детската градинка „Гоце Делчев“ во Пробиштип, истовремено е член на Управниот одбор на студентскиот дом „Доне Божинов“ во Пробиштип.

Габриела Иливеска е член на Советот на Општина Кратово и член на Управниот одбор на градинката „Царка Андреевска“ во Кратово од 2017 година.

На листата се и Билјана Манасиева, која истовремено е член на Советот на Општина Виница и член на Управниот одбор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Виница од 2017 година, Џелал Абиду, член на Советот на Општина Маврово – Ростуше и член на Управниот одбор на Националниот парк „Маврово“, Маврови Анови, од 2009 година, Кире Алексов, член на Советот на Општина Свети Николе и член на Управниот одбор на ХС „Злетовица“ – Пробиштип, Драгана Плешкова, член на Управниот одбор на ЈЗУ „Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија“ и член на Управниот одбор на ЈЗУ „Универзитетска клиника за радиотерпаија и онкологија“ – Скопје од 2017 година, Славјана Михаиловиќ, член на Советот на Општина Струмица и заменик-народен правобранител во Скопје, Ристо Џинев, претседател на Советот на Општина Дојран и член на Управниот одбор на детската градинка „Кокиче“ во Дојран од 2014 година, Тони Мартиноски, член на Советот на Општина Бутел и в.д. директор на Управата за животна средина и просторно планирање од 2014 година, Богослав Лескаровски, член на Управниот одбор на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и член на Управниот одбор на Агенцијата за катастар од 2017 година, Бедри Вељиу, заменик-претседател на Управниот одбор на ЈЗУ „Општа болница Куманово“ и претседател на Управниот одбор на ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ – Куманово од 2017 година, Томче Ѓуровски, член на Советот на Општина Аеродром и член на Надзорниот одбор на АД „Македонски железници – Транспорт“ од 2017 година, Милена Строимановска, член на Советот на Општина Куманово и член на Управниот одбор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово од 2011 година и Марјан Неделковски, член на Управниот одбор на Државниот студенски дом „Скопје“ – Скопје и член на Управниот одбор на ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“ – Велес.