Лидерот на ЛДП Горан Милевски ќе влезе во извршната власт, додека неговото пратеничко место во парламентот ќе го зазеде Александра Цветкоска од СДСМ, по што либералдемократите ќе останат со двајца пратеници во парламентот, од кои едниот веќе извесно време делува како самостоен пратеник, пренесе Фокус.
Според партиски извори на Фокус, либералдемократите вечерва ќе оддржат седница на Извршниот комитет на која се очекува да биде потврден коалицискиот договор и одлука партискиот лидер Милевски да се пресели од законодавниот дом во владата, најверојатно како министер за локална самоуправа на местото на Сухејл Фазлиу од НДП.
Во таков случај, како што велат тие, актуелниот министер без ресор од редовите на ЛДП задолжен за регулатива и унапредување на бизнис климата, Зоран Шапуриќ, ќе му го отстапи местото на кадар на НДП на Весел Мемеди и ќе ротира на директорска позиција, додека се очекува и генералниот секретар на либералдемократите, Боби Мојсоски, да добие повисока и позначајна позиција од сегашната – директор на КПД Идризово.
На тој начин, „помалиот“ коалициски партнер во владата добива министерстски ресор во владата, но ќе остане со пратеник помалку во парламентот, со оглед дека во собранието ќе влезе Цветкоска од редовите на СДСМ, која е следна на пратеничката листа на коалицијата предводена на социјалдемократите во петтата изборна единица, од која впрочем беше избран Милевски за пратеник на парламентарните избори во 2016 година.
Ако се знае дека по последниот партиски Конгрес, на кој Милевски беше реизбран за лидер на ЛДП, пратеничката избрана како кандидат на оваа партија Никица Корубин најави дека ќе дејствува независно парламентот, произлегува дека по претстојната владина реконструкција либералдемократите ќе останат со само еден пратеник – Јулијана Николова.