Македонија 15. јули 2020. / 11:08

Голема утринска излезност во македонските општини: Народот е определен да избере за својата иднина

Голема утринска излезност во македонските општини: Народот е определен да избере за својата иднина

Бројките за излезноста на изборите, објавени на официјалната интернет странива на ДИК, покажуваат голем интерес кај граѓаните да глчасаат. Тоа е во спротивност на стравувањата дека поради епидемијата на корона вирусот излезноста ќе биде мала, но затоа, пак, покажува дека граѓаните имаат цврста определеност да го дадат својот глас за да изберат за иднината на државата.

Податоците на ДИК велат дека до девет часот, на ниво на цела држава излезноста изнесува 6,65 проценти. Притоа, бројките покажуваат дека во првите два часа од гласањето, практично има двојно поголема излезност во Изборните единици и општините каде што мнозинството се македонски гласачи.

Така, до девет часот, најголема излезност се забележува во ИЕ1 каде што има 8,29%. Таа висока бројка се должи пред се на излезноста во Аеродром (10,61%), Карпош (10,31%), Центар (10,19) и Кисела Вода (9,43%). Затоа, пак, засега слаба излезност има во Студеничани (1,99%) и Сарај (3,18%).

Висока излезност до девет часот има и во ИЕ3 (7,85%) и ИЕ4 (7,77%), додека солидна е и во ИЕ2 (6,68%) и ИЕ5 (6,2%). Најслаба утринска излезност, тардиционално има во ИЕ6, каде што до девет часот излегле да гласаат 3,63 проценти од гласачите.

Овие бројки покажуваат дека гласањето се одвива во рамки на тоа што се случуваше на минатите избори во 2016 година. Тогаш ДИК првиот пресек на излезноста го правеше до 10 часот, наместо како сега до девет, а тогаш, со еден час повеќе гласање излезноста беше околу 9,5 проценти.