Се поголеми се глутниците на бездомни кучиња кои напаѓаат луѓе по улиците на градот, алармираат тетовци. Приказ за состојбата праќа жител на градот кој утринава снимил видео од дваесетина кучиња кај објектите на полицијата, Архивот и старото медицинско училиште.
При крајот на видеото се гледа како и неколку кучиња бркаат младо момче, кое за среќа успева да побегне. Граѓанинот, исто така, со својот чадор се обидува да се одбрани од обида за напад на кучињата.
– Страшно е да се движиш по улиците на Тетово, посебно рано наутро и доцна навечер кога нема многу луѓе по улиците. Тогаш бездомните кучиња напаѓаат, велат соговорниците.
Справувањето со бездомните кучиња е долгогодишен проблем за општината. Проблемот периодично се решава со ангажирање на ветеринарска станица на тендер за да ги третира бездомните животни. Годинава такви операции имаше во период од помалку од два месеци од мај до крајот на јули.
Во интервју за МИА, во ноември градоначалничката Теута Арифи не даде одговор зошто не се воведува системско долготрајно решение.
– За уредување на проблемот со кучињата скитници веќе е објавен тендер на 16.10.19 и е завршен на 24.10.19 на кој е избрана фирма со најповолна понуда и по поминување на законските рокови за жалба истата одлука ќе стане правосилна доколку никој не се жали, гласи одговорот од градоначалничката во октомври.
Во 43 секунда од видеото се гледа како кучињата го напаѓаат младиот човек.