Членот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски му порача на техничкиот премиер и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, дека ќе мора да одговара за секој денар што државата мора да ги плати како отштета за тужбите за неправилно работење во МВР.
Ѓорѓиевски потенцира дека Спасовски ќе мора да ги врати сите пари за коишто е оштетен државниот буџет.
– Господине Спасовски, ќе си одговарате и ќе си вратите до последен денар сѐ што истрошивте расипнички само за да ја задоволите патолошката желба на вашиот шеф, но и ваша за одмазда кон сите кои не размислуваат како вас.
Тоа што денеска потврдивте дека како прв човек на МВР сте фрлиле ЧЕТИРИ милиони евра за само една година, пари на граѓаните во ветар, никому не му значи ништо. Вашето признание дека цели ЧЕТИРИ милиони евра, за само една година, се истрошени за исплата на штети по тужби поднесени против вас и МВР, не може да биде ниту олеснителна околност.
Судот и истрагата може да ги интересираат мотивите за овој криминал со кој што го оштетивте буџетот, но приоритет ќе биде да ги вратите парите.
На обвинителна клупа ќе објасните кој давал налози за да се делат решенија спротивно на закон и кој одобрувал или не одобрувал прекувремени работни часови.
Искрено јас сум убеден дека свесно сте работеле спротивно на законот и сте знаеле дека МВР ќе ги загуби споровите, но тоа не ве засегало бидејќи парите за исплата на штетите не се ваши. Верувам дека и соучесниците кои ви помагале во злоупотребата на службената положба ќе потврдат дека вие сте најодговорен за штетата од ЧЕТИРИ милиони евра.
Правда мора да има во Македонија и таа ќе дојде по 12 Април.
Верувам дека вашите соработници со кои отворавте бензински пумпи и им доделувавте лиценци за технички прегледи ќе имаат разбирање и ќе ви помогнат да ги надоместите штетите – порача Ѓорѓиевски.