Македонија 08. март 2021. / 08:40

Ѓорчев: Заев смислено направи Влада по секоја цена, на сметка на неефикасност

Ѓорчев: Заев смислено направи Влада по секоја цена, на сметка на неефикасност

Во утринскиот подкаст „Утро со Златев“ на Радио Лидер, членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев се осврна на понудата на премиерот Зоран Заев за широка Влада.

Според него доминантното чувство во Македонија е огромна разочараност.

„Ваква рамнодушност, разочараност но исто така и индиферентност од власта немам видено 30 години наназад. Кај гласачите на опозицијата, кај оние коишто се блиски до ВМРО-ДПМНЕ  има големи, силни несогласувања со владините политики, а од друга страна кај луѓето коиштп гласале за СДСМ, велат  – па ние не гласавме за ова. Тука некаде во овие рамки ја гледам и понудата на Зоран Заев за учество на ВМРО-ДПМНЕ во власта“,рече Ѓорчев.

Како што рече, Заев сака да постигне неколку работи.

„Прво сака да ја сподели одгвороноста, затоа што гледа дека не му оди. Второ, сака да го зголеми парламентарното мнозинство, затоа што со 62 пратеници, многу, многу,  многу тешко функционира Собранието. Јас сум бил во тоа Собрание и ние сме имале изборни победи и парламентарно мнозинство коешто имало 81-82 пратеници, само ВМРО-ДПМНЕ имаше 62 пратеника, ДУИ некаде околу 20-тина, имаше еден или двајца независни коишто помалку или повеќе беа со нас. И со тие  82 пратеници имало денови, недели кога било тешко да се собере 61 пратеник да се направи кворум“, појасни Ѓорчев.

Тој потенцира дека она што сега го има СДСМ е тешко, но дека самите се виновни.

„Заев смислено влезе во оваа варијанта да направи Влада по секоја цена, на сметка на еден куп работи, на сметка на неефикасност, а тој се однесува како еден авторитарен човек“, рече Ѓорчев кој посочи дека Заев не може да предизвика раздор во партијата затоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да коалицира со Заев туку дека сака да го победи.