Со невидена леснотија во оваа пленарна сала се притиска за промена на Уставот на државата, што е само вовед во нови гласања и редефинирања. Она што не го потпишале ниту Киро Глигоров, ниту Борис Трајковски, ниту Никола Кљусев, Брако Црвенковски, Љупчо Георгиевски, Димитров со невидена леснотија го потпиша, рече денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев на дебатата во Собранието за уставните амандмани.
Ѓорчев меѓу другото во својата изјава посочи дека референдумот, за кој претходно денеска премиерот Зоран Заев изјави дека бил успешен, бил со низа неправилности во гласањето и полнење кутии со невидена брзина.
– Она што 200 години наназад било градено како наша позиција…и сега во оваа пленарана сала со невидена леснотија се притиска за промена на Уставот на РМ што е само вовед во нови гласања и редефинирања. Тргнати сте против ВМРО како никогаш досега, но сме издржале, ќе го издржиме и ова. Вие ги дробите луѓето во овој Парламент, компромитиран ви е процесот, уценувате и тргувате со човечки судбини. Начинот на кој што си го обезбедивте двотретинското мнозинство е скандалозен во историски рамки. – изјави Ѓорчев.