Македонија 15. октомври 2018. / 16:09

Героски за „Лидер”: Обидот за помирување е добар, но задоцнет!

Героски за „Лидер”: Обидот за помирување е добар, но задоцнет!

Во денешното интервју на „Економски Лидер“, разговараме со главниот уредник  на „Слободен Печат“, Бранко Героски.

Героски е доајен на македонското новинарство кој има оставено траен белег во демократизацијата на медиумскиот простор во земјата. Тој е еден од основачите на првиот независен дневен весник, сега веќе згаснатиот, „Дневник“.

„Слободен Печат“, дневниот весник кој во моментот го води Героски е со изразена лево-ориентирана уредувачка политика, но и покрај тоа, во него често се појавуваат критики за работењето на актуелната власт, која се чини, Героски ја поддржува во надворешната политика (поради изразените евро-атлански заложби), но не и во моделот по кој се водат политиките овде.

Со Героски разговараме за денешните случувања во Собранието и понудата на премиерот Заев за амнестија во замена на гласање „За“ од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.

Интервјуто ви го пренесуваме во целост:

Денеска премиерот најави поддадена рака за помирување за еден од најсрамните денови за демократија 27 април. Дали е ова единственото решение да помине Договорот од Преспа, или со овој потег Заев си потпиша капитулација?

– Мислам дека понудата на Заев за помирување нема суштинска врска со намерите да се прифати или да се отфрли Договорот од Преспа. Треба да биде јасно дека во случај на отфрлање на овој Договор, не постои одржлив план „Б“. Македонија има ексклузивна и неповторлива понуда итно да стане членка на НАТО и брзо да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Услов за тоа е да се прифати Договорот што го поздравија сите западни лидери. Нема да има друг договор. Нема да има нови преговори со Грција. Барем не во следните десетина години. Ако ја пропушти оваа шанса, Македонија ќе остане во чекалницата во Брисел, со сите политички и безбедносни ризици што ги носи таа неизвесност. Тоа ќе значи капитулација на Македонија, а не на Заев.

Како го оценувате овој потег на Заев и дали ризикува политичка и премиерска кариера односно губење на довербата кај гласачите и поддржувачите, но и граѓаните кои се неопределени, а сакаа промени?

– Со овој потег Заев се обидува да ја намали конфликтноста во длабоко поделеното македонско општество. Тоа е добро, но за жал, јас мислам дека тоа е задоцнет обид. Така како што СДСМ и Владата мора да останат цврсто на својата евроатлантска агенда, мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе остане релативно монолитна во своето противење и со оваа реторика која наликува на неформална предизборна кампања. Јас во овие настани гледам многу потенцијални губитници (и Заев е еден од нив, секако), но ниту еден потенцијален добитник.

Затскриената амнестија крие ли внатепартиски радзор во СДСМ?

– Искрено, не верувам дека станува збор за „затскриена амнестија“, а ниту за раздор во СДСМ по таа основа. Едноставно, во моментов не постои расположение кај двете страни евентуалното помирување да се случи на линија на прифаќање на понудата од Брисел, која е, да кажам уште еднаш, неповторлива. Јас барем не гледам простор за пазарење, иако за тоа многу се зборува во последно време.

Дали Македонија по Договорот од Преспа влегува можеби во уште потешка криза и несигурност?

– Со прифаќање на Договорот од Преспа, Македонија ќе добие шанса за долгорочна стабилизација. Се надевам дека тоа им е јасно на сите. Во обратната ситуација, која сега се чини поверојатна, значи со отфрлање на договорот меѓу Заев и Ципрас, политичката криза во земјата ќе се продлабочи. Меѓународната позиција на Македонија драстично ќе ослаби, а со тоа сериозно ќе се зголемат безбедносните ризици, во едно многу незгодно време, кога ќе се решава кризата на Косово.

Има ли затскриени политички игри во водењето на процесот, уставните промени и владеењето?

– Да бидам искрен, јас би сакал да мислам дека има такви „затскриени политички игри“, ако се можни и продуктивни. Често се шири митот дека целата ситуација ни ја „средуваат“ Американците, „Калето“, Бондстил, Западот или некој друг. За жал, јас мислам дека премногу веруваме во митови, а премалку се соочуваме со политичката реалност. А таа, реалноста, ја гледаме токму денеска, во македонскиот парламент, каде што имаме отворен судир на концепции за иднината на земјата. Да имаше такви „игри“, белким од тоа ќе видевме некаков скор, некаков аир.

Дали на овој начин се фрла сомнеж дека и 27 април е договорено сценарио?

– Видете, да се разбереме убаво: 27 април е обид за државен удар, обид за насилно преземање на власта, обид за пуч. Не можам да замислам како сето тоа би било договорено сценарио. Мислам дека таа теза е само уште еден нов мит.

Каде е борбата за принципи, демократија и ветувањата за подобар животен стандард? Колкава е цената за влез во европското семејство и долгорочно кој ќе ја плаќа?

– Вашето прашање го содржи и одговорот – принципи, демократија и повисок животен стандард има во ЕУ, во западните земји, во семејството каде што сме поканети да влеземе, под условот кој веќе е познат. Да беше поинаку, подобриот живот да беше во Русија и во Кина, нашите млади луѓе таму ќе одеа да бараат работа и опстанок, а не како сега, во Германија, во Италија, во Шведска… Мислам дека многу полесно ќе си ги разбереме шансите за нашата иднина ако се фокусираме на придобовките од нашето евенутално влегување во тоа европско семејство, отколку ако мислиме само на цената, која е позната и веќе ни е испорачана – имено, Македонија мора правно да го оснажи склучениот договор со Грција, оти во спротивно можеме да заборавиме и на НАТО и на ЕУ.