Новинарот и главен уредник на „Слободен печат“ Бранко Героски на Фејсбук удри по својот колега Бранко Тричковски.
Героски го одби апелот на Тричковски за тој и Владимир Милчин да ја остават Македонија. Тој смета дека апелот е непристоен, бидејќи доаѓа од човек што предлагал да се идентификуваме како Северномакедонци.
Тричковски ја брани секоја скандалозна глупост на оваа власт, смета Героски и повтори дека од Македонија нема да се откаже.
– АПЕЛОТ НА „ПОГРЕБНИКОТ“ НЕ СЕ ПРИФАЌА
Бидејќи е тешко да се следи неверојатната продукција на Тричбук (јас мислам дека тоа е причината на синоќешниот колапс на Фејсбук), на Мактел кај Сале Мутави Политико ја прочитав пораката од Бранко Тричковски јас и Владе Милчин да сме ја „оставеле“ Македонија и да сме пошле на пиво, на риболов итн.
Признавам, понудата е заносна и еве, јас веќе се подготвувам овој викенд да заминам на скијање. Но, Македонија нема да ја оставам, се разбира. А не верувам дека и Владе ќе ја остави.
Апелот на Тричкоски е непристоен, бидејќи доаѓа од човек кој обу железни опинци за да ја умре и да ја погреба Македонија во идентитетска, во културолошка и во секаква друга смисла. Ако не се лажам, Тричко дури предлагаше да се идентификуваме како Северномакедонци.
За среќа, Договорот од Преспа, што Тричко сега жестоко го брани (како што брани секој потег на оваа власт, врпочем, дури и секоја скандалозна глупост) не ја погреба Македонија на начин како што предлагаа тој и неговото „погребално претпријатие“. Македонскиот идентитет сепак е сочуван, а со тоа и Македонија.
И бидејќи таа, нели, не нѐ остава нас, не можеме и ние неа да ја оставиме. И не сакаме. И нема.
Нека прости Тричко, ама ние не можеме да си дозволиме вакво корзирање со умот. Ќе одиме и на пиво и на риба и на скијање и секаде каде што ќе ни посака душата, ама ќе си ја носиме со себе и оваа несовршена и неумрена Македонија. Која не е Тричкова сопственост.
Ете затоа, со сета должна почит, од моја страна апелот на погребникот не се прифаќа! – напиша Героски.