Македонија 15. јули 2019. / 20:16

Героски: Сведокот две години бескрупулозно рекетиран, но храбро одлучил рекетарите да ги „врзе“ во крпче!

Героски: Сведокот две години бескрупулозно рекетиран, но храбро одлучил рекетарите да ги „врзе“ во крпче!

Без намера да ѝ наштетам на истрагата што денеска ја објавија обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска, по апсењето на две лица што ја возбуди јавноста, преземајќи обврска да ја испочитувам презумпцијата на невиноста на осомничените, но и со јасна намера да не го соопштам идентитетот на сведокот-жртва, ќе ви раскажам детаљи за милионскиот рекет за кој денеска стана збор, пишува Бранко Героски во неговиот текст за Плусинфо.

Тие информации ми се познати веќе извесно време, но се воздржував јавно да ги соопштам, токму со цел да не ѝ наштетам на истрагата.

Жал ми е што пак ќе раскажувам без конкретни имиња – овој пат и без псевдоними – но мислам дека читателите лесно ќе разберат за кого станува збор. За идентитетот на двете приведени лица веќе јавно се говори. Можеби и официјално ќе биде потврден уште вечерва. Сведокот е македонски бизнисмен, кој во случајот е жртва на нивните рекетарски притисоци. Според обвинителката Русковска, тој на рекетарите веќе им исплатил околу 1,5 милиони евра. Рекетарите се пријатели со еден познат, популарен и јавно воспеван јавен обвинител, од кого се очекуваше да ја донесе правдата во Македонија. Моите информации се дека тој, всушност, е мозокот на операцијата, но тоа допрва треба да се докаже.

Имам и други информации, за кои истрагата веројатно води есап. Освен обвинителот, за кој по втор пат тврдам дека е мозокот на операцијата, во случајот е заплеткан уште еден друг обвинител, но од истото обвинителство. На двајцата рекетари им помагаат и видни политички личности (кој ме читал, знае кои се), но и личности од јавниот живот. Некои со знаење што всушност се случува, некои можеби наивно. Да не ги заборавиме и нив. Моите информации се дека обвинителката Русковска лесно, по дифилот всушност, ќе докаже дека во случајов освен рекет и изнуда, имаме и злосторничко здружување. Едно многу опасно злосторничко здружение е тоа, почитувани читатели, против кое борбата мора да продолжи со засилено темпо.

Кога ќесето мора да се одврзе…

Во што се состоела играта? Двајцава рекетари (засега само двајца), повикувајќи се на своето пријателство со обвинителот (засега само еден), на сведокот-жртва му се закануваат дека за него имаат компромитирачки материјали и дека тие можат кај обвинителот да му обезбедат некаква „милост“. Безмалку цели две години трае тој рекетарски притисок врз жртвата. Патем речено, сведокот-жртва е само еден од неколкуте познати и видни македонски бизнисмени, кои се рекетирани на истиот начин – од нив се барани огромни суми пари, преку учество во разноразни „проекти’ и „бизнис-зделки“, а наградата требало да биде тоа што семоќниот обвинител (чиј статус во јавнообвинителскиот систем, патем речено, не е решен) против нив немало да покренува истраги и обвиненија.

Во мојата денешна изјава за некои медиуми, јас апелирав бизнисмените кои биле таргет на рекетарските уцени јавно да сведочат, за да му се стави крај на ова зло. Во спротивно, еве јавно ветувам дека лично ќе ги опишам во моите „фиктивни приказни“, па целата јавност нека знае кои се. На ова зло, едноставно, мора да му се стави крајот – подобро е жртвите да станат сведоци во постапката против двете осомничени лица (и не само против нив, има и други по кои се трага), одошто самите да бидат осомничени за давање поткуп. Нека си размислат добро…

Целиот текст на Бранко Героски можете да го прочитате ТУКА.