Новинарот Бранко Героски „виновен“ за серијалот за „рекетарската банда“ со кој алармираше дека во Македонија има широко распространета корупција која допира до највисоки „кругови“, во денешната колумна на порталот „Плусинфо“ ја повикува владејачката партија да „расчисти“ со личности во своите редови кои на било кој начи биле дел или имале допир со аферата „Рекет“.
–Без политичка одговорност во раководството на СДСМ, без темелно прочистување што подразбира оставки и смени на сите партиски кадри кои на било кој начин, макар и со најдобри намери и блажено незнаење, учествувале во градењето на царството на рекетот, партијата на Зоран Заев нема да успее да го острани впечатокот дека е заштитничка на криминалните активности во аферата „Рекет“.
Таа перцепција од домашната полека се шири и во меѓународната јавност и прашање е на ден кога ЕУ јасно и гласно ќе ни порача дека расчистувањето со скандалот е услов за добивање датум за преговори.
СДСМ нема време за чекање. Сѐ што мора да се случи треба да се случи не утре или следниот месец, туку уште вечерва, на најавената седница на Централниот одбор на СДСМ. Оставките на неколку кадри директно поврзани со осомничениот Бојан Јовановски и извинувањето на еден суетен лидер до партиската база и до симпатизерите на СДСМ, се цената што треба веднаш да се плати, во обид да се создаде вечаток дека владејачката партија искрено и енергично се бори за расчистување на аферата „Рекет“. Тој впечаток може да заврши работа во овој политички спринт (пред најавената „експлозија“ на нови „бомби“ и спинови), но на долги патеки, тоа треба да биде само вовед во многу подлабока и посуштинска реформа на партијата- пишува Героски.