Го гледав Ден Дончев, директорот на Фондот за здравство, во „Топ тема”, со Жане Лупевска и со др. Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ. Николов прв пат го гледам, еве на телевизија. Што велат другарчињата, сега си се знаеме од телевизија, пишува главниот уредник на ПлусИнфо во неговата колумна.
Со Ден Дончев се знаеме малку подолго и малку повеќе, не само од телевизија. Тој е чувар на нашата здравствена каса. Не сум проверил прецизно, ама велат дека во таа каса се слева една четвртина од парите што државата ги собира од народот.
И го гледам човеков на телевизија, онака збунет, дефокусиран, неартикулиран, неубедлив, на моменти дури и смешен, па си велам – бреј, на овој човек две овци врзани да му дадеш да ги чува, ќе ги изгуби. Или со волкот ќе ги поделат… А сепак, тоа е „нашиот” Дончев, менаџерот, експертот, махерот. Што ли му се случило?
Неговиот собеседник Николов го „закла” со едноставни, логични прашања, дилеми што си ги поставува секој нормален граѓанин на оваа земја. Портирот од Фондот да го пратеа на дебата, мислам дека подобро ќе му парираше.
Лупевска, искусен модератор во вакви дебати, очигледно забележа дека на Ден нешто ми се стемнило и дека на моменти беше дури и отсутен од темата, губејќи се во своите неразбирливи дигресии, во еден јалов обид да докаже дека и за неговите глупости е виновна некоја претходна власт. Се потруди Жане да го фокусира со директни и едноставни прашања, ама Ден изгледаше како некаков блесав студент дојден на испит по договорена гратис шестка, а професорот сепак решил да го испраша.
Повторно, по кој знае кој пат, Дончев јавно призна дека знаел за истрагата што обвинителот ја водел против фирмата „Диамед” дури и тогаш кога истрага немало (а не смеел да знае). Па призна дека знаел за плановите што ќе се истражува и за наводно истраженото известил трети лица (а не смеел), не било кои, туку претставници на шведскиот инвеститор. Па одби јавно да изусти едно резолутно „не” за обвинувањата за неговите наводни ујдурми со Зоран Милевски Кичеец… Катастрофа!
Целата колумна на Бранко Героски можете да ја прочитате ТУКА.