Мислам дека Заев гори од желба него и Венко Филипче јавноста да ги препознае како мајстори на „танцот“ со корона вирусот, како нашите Фред Астер и Џинџер Роџерс. Верувам дека сите посакуваме навистина да е така. Но, не е. За да биде, навистина треба да се смени стратегијата. Јас сѐ уште не ја губам надежта дека многу брзо политичарот Венко Филипче ќе му даде предност на докторот Венко Филипче – пишува Бранко Героски во својата најнова колумна.
„Не ми пречи тоа што и министерот за здравство Венко Филипче и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој вечерва на телевизијата Канал 5 ја објаснуваше стратегијата на македонските здравствени власти во борбата против коронавирусот (избор меѓу „удар со чекан“ и „танцување“) веруваат дека во овој момент тие двајцата максимално успешно „танцуваат“, односно успешно ја менаџираат коронакризата и дека сите ние треба да се гордееме со тоа.
Ја следев денешната прес-конференција на Филипче (2 април) и забележав сѐ поостри и подиректни прашања на новинарите и сѐ понепрецизни одговори. Очигледно е дека новинарите, па дури и мнозинството од нив коишто му се наклонети на министерот (јас исто така се есапам во тоа мнозинство), веќе не се толку импресионирани. Пренесувајќи ги искуствата на своите читатели и гледачи, како и непријатните прашања кои сѐ почесто се поставуваат и на социјалните мрежи, новинарите го прашуваа Филипче зошто доцнат молекуларните тестови, дали алгоритмот не е престрог, зошто некои болници не примаат болни со развиена клиничка слика на болеста и без позитивни тестови, зошто не се бројат и некои регистрирани позитивни случаи (информација на колегата Тевчев од Велес), зошто лабораторијата на болницата „8 Септември“ не е подготвена, зошто нема помасовно тестирање и слично.
Во одговорите, Филипче пословично воздржан, но и сѐ почесто без свежи информации и без нови флоскули за да се избегнат непријатните прашања. Во „танцот“ се забележуваат незгодни промени во ритмот, дури и погрешни чекори, што ја прави сликата помалку л’скава од онаа што ја гледа Заев. И неизбежната дилема – дали ја гледаме истата слика? Очигледно не.
Рестриктивниот пристап кон тестирањето скапо ќе нѐ чини!
Не е точно тврдењето на Заев дека Македонија го избрала „најрационалниот модел на тестирање“. Уредникот на Канал 5, Михајловски, му постави на поранешниот премиер едноставно прашање: зошто една Малта, држава со помалку од половина милион жители, од почетокот на коронакризата до сега има извршено 20.000 тестирања, а Македонија, земја со 2 милиона жители – само околу 4.000. Заев немаше уверлив одговор на прашањето. Филипче, на денешниот прес, изјави дека со оваа цифра ние сме најдобри во регионот, не сметајќи ја Словенија. Можеби тоа и да е точно (не знам дали министерот ги есапи брзите тестови, кои не ги признава како релевантен показател за штогоде), но земјите во регионот забрзано ги менуваат стратегиите и наскоро таа статистика сигурно ќе се смени – на наша штета.
Како и да е, кризата е глобална и не признава локални репери. Во споредба со многу други земји, кои покажуваат добри резултати во справувањето со кризата и низок степен на смртност на заболените (Јужна Кореја, Јапонија, Германија), земји кои денес се сметаат за навистина успешни во „танцувањето“ со коронакризата, Македонија е пример на рестриктивен пристап кон тестирањето и на конзервативно разбирање на препораката на Светската здравствена организација – тестирај, тестирај, тестирај! И тоа ќе нѐ чини скапо! …“
Целата колумна може да ја прочитате на следниот ЛИНК.