Ново, жестоко обвинување на сметка на директорот на Фондот за здравство Ден Дончев, но и на сметка на Зоран Милевски Кичеец, осомничен во аферата „Рекет“, изнесе денеска поранешната сопственичка на компанијата „Диамед“, Вера Иванова, пишува уредникот на ПлусИнфо, Бранко Героски.
Таа тврди дека ден пред продажбата на компанијата на светски познатиот провајдер на услуги на полето на дијализата, компанијата „Диаверум“ од Шведска, таа имала средба по барање на Зоран Милески Кичеец, на која тој, во името на Ден Дончев, од неа побарал половина од парите од продажбата.
Како што пишуваше Плусинфо, отворајќи ја оваа нова афера, Вера Иванова пред неколку дена поднесе кривична пријава против Ден Дончев, но и против министерот за здравство Венко Филипче, во која двајцата ги обвини дека ја злоупотребиле својата службена положба и презеле дејствија со цел да се спречи странската инвестиција, што резултирало и со блокирање на нејзината сметка во Монако. На оваа сметка Швеѓаните легално префрлиле околу 8 милиони евра од вкупно 11,5 милиони, а Иванова тие пари, како и парите „легнати“ на сметка на една домашна банка, уредно ги пријавила во УЈП.
Збогатено кривичното досие за „Рекет 2“
Кривичната пријава против Дончев и Филипче денеска е проширена со ново, добро познато име – Зоран Милевски Кичеец. Во пријавата, Иванова тврди дека од неа било барано да ја запре продажбата, но таа одговорила дека тоа веќе не е можно, бидејќи договорот е потпишан.
– Тогаш ми беше речено, ако навистина ја зборувам вистината, да им дадам половина од колачот, во спротивно ќе ми ги пуштат ОЈО и Финансиска полиција и ќе ми ги земат сите пари од продажбата. Јас одговорив дека не доаѓа предвид ниту една варијанта, а подоцна од медиумите дознав дека почнале истрага против мене – сведочи Иванова.
Како што е познато, по објавувањето на кривичната пријава од Иванова, поднесена преку Адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ, Дончев на 20 септември свика прес-конференција, на која изјави дека не било вршено никакво влијание како што тврди Иванова, но призна дека тој и Филипче ја предупредувале шведската фирма, дури и писмено, преку Шведската амбасада, дека имаат намера да ги испитуваат околностите под кои компанијата „Диамед“ ја добила концесијата за дијализа во дел од земјата. Тоа предупредување било упатено во период кога немало истрага, а најверојатно ни предистрага. Но, подоцна, шведската компанија била известена дека има истрага.
На таа прес-конференција, Дончев изнесе детали од предистрагата што била поведена, а на новинарите им вети дека ќе им ги подели материјалите што ги покажа, но ветувањето не го исполни. Како и да е, откривајќи детаљи од предистрагата, Дончев сторил ново кривично дело, Повреда на тајноста на постапката, според член 369 од Кривичниот законик, се вели во проширувањето на кривичната пријава. Во врска со средбата за која зборува Иванова, Дончев се товари како поттикнувач на кривичното дело Уцена, според член 259 став 1 од КЗ, за кое се товари Зоран Милевски Кичеец. Во првичната пријава, Дончев и министерот Филипче беа обвинети за кривичното дело Злоупореба на службена положба според член 353 став 1 од КЗ.
Целата колумна на Бранко Героски можете да ја прочитате ТУКА.