Германскиот амбасадор Томас Герберих е оптимист дека на Самитот на Европската Унија во октомври ќе биде донесена позитивна одлука за почеток на претпристапните преговори на Македонија со ЕУ, но сепак сега важно е државата да се посвети на реформите.
– Сите ја чекаме оваа одлука на Советот на ЕУ и навистина сум повеќе од оптимист дека тоа ќе биде јасно гласање за започнување на преговорите за членство во ЕУ. И покрај сите тешкотии и сите недостатоци што сѐ уште опстојуваат, Северна Македонија создаде успешна приказна на Западниот Балкан, особено во однос на тоа регионот да стане меѓусебно поблизок. Во изминатите три години, Република Северна Македонија ги затвори сите отворени прашања со соседите. – рече Герберих на денешната конференција посветена на перспективите на изборните реформи.
Според него, земјава со Преспанскиот договор направила голем пресврт со историски димензии и овој Договор треба да биде пример во светот. Сега, како што вели Герберих, важно е државата да се посвети на реформите кои што Собранието претходно ги има усвоено и за кои гласаше и опозицијата.