Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас порача дека по позитивните оценки од ЕК за Македонија и за Албанија, Германија се залага за брз почеток на преговорите за членство на двете земји во ЕУ.
– Двете земји направија јасен прогрес во клучните реформи области, особено во зајакнувањето на судскиот систем и борбата против организираниот криминал. Ние ги споделуваме позитивните оценки на ЕК. Затоа се залагаме за брз старт на преговорите за членство во ЕУ. Пристапните преговори се најдобрата алатка што може да им се даде на Албанија и на С. Македонија и најдобрата можна поддршка на за понатамошен напредок – оценува Мас.
Шефот на германската дипломатија предупредува дека неотворањето на преговорите ќе биде штетно за двете земји, но и за ЕУ и Германија.
– Без охрабрувачки знак од ЕУ, ќе го загрозиме големиот напредок постигнат во последните години. Тоа ќе им наштети и на интересите на ЕУ и на Германија. Ни требаат стабилни, ефикасни и демократски држави на Западен Балкан – истакнува Хајко Мас во пишаната изјава објавена на веб страницата на германското МНР.
Европската комисија, во вчера објавените извештаи, посочува дека Скопје и Тирана ги исполниле критериумите за почеток на преговорите и оти очекува Советот на ЕУ во наредните недели да донесе позитивна одлука.