Македонија 03. октомври 2019. / 15:05

Герберих: Задача на власта и опозицијата е да ја искористат заедно оваа шанса

Герберих: Задача на власта и опозицијата е да ја искористат заедно оваа шанса

Германскиот амбасадор во земјава, денес на свечениот прием на германскиот национален празник – Денот на националното единство, со кој се одбележува падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Западна и Источна Германија, повика на обединување на власта и опозицијата во земјава пред претстојниот состанок на Европскиот совет на кој треба да се донесе одлука за отпочнување преговори меѓу Северна Македонија и Унијата.

На свечениот прием присуствуваа претставници на државниот врв, на опозицијата, дипломатски претставници, претставници на јавниот живот.

-За Северна Македонија за неколку дена претстои важна одлука – одлуката на Советот за општи работи на Европската Унија за отворање на пристапните преговори. Германскиот Бундестаг ја даде својата согласност на 26 септември за сојузната Влада да може да гласа „за“ во Брисел. Оптимист сум дека и од Советот ќе има јасен вотум за европскиот пат и натамошната ЕУ – перспектива на Северна Македонија. Задача на власта и опозицијата ќе биде да ја искористат заедно оваа шанса и со тоа да ја исполнат својата политичка одговорност – истакна Герберих на свечениот прием.

Амбаадорот нагласи дека сето тоа е во насока во Северна Македонија да постои општество на европски вредности, во кое владее правна сигурност, во кое сите луѓе имаат можност да ги практикуваат основните човекови права, општество во кое никој не им пропишува на луѓето како треба да мислат и во кое децата и нивните семејства може да се развиваат во благосостојба.

Тој додаде дека значаен составен дел на нашите заеднички напори и натаму ќе биде да се продлабочи и прошири перспективата на евроатлантската интеграција на Република Северна Македонија. Тука, како што истакна, се вбројува и натамошната поддршка при спроведувањето на неопходните реформи, за да им се пристапи со решителност и консеквентно да се спроведат, за да не се губи време.

-Главните точки ни се познати на сите: правосудство, реформа на институциите, како и создавање на слободни и независни медиуми. Граѓаните мора да видат конкретни резултати што го подобруваат секојдневниот живот – изјави амбасадорот.