,,Немам ништо со приватизацијата со Поштенска банка а уште помалку со второто дело за кое ги товарат.Се работи за јасни постапки на приватни бизнисмени каде што целиот интерес профит е за нивните фирми. Од сите обвинети личности во животот едно пиво се немам напиено”, вели поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во реакцијата објавена на Фејсбук во врска со најновата истрага која ја отвори СЈО за ,,Поштенска банка”.
,,Пред неполна година бев повикан во СЈО каде ми беше презентирана бомба- разговор на Томица Главчев со висок функционер на власта од кој барајќи одредени услуги го спомнува и Никола Груевски во контекст на неговата банка. Односно дека Груевски во првата влада побарал од него да учествува во приватизацијата на Поштенска Банка. Кога бил викнат во СЈО ја сменил изјавата па рекол Дека во кабинетот на Георгиевски како премиер бил повикан тој а јас, Никола Груевски и Марјан Ѓорчев имаме побарано од него да учествува во приватизацијата. Откако енергично негирав дека никогаш немало таков разговор тој пак ја сменил изјавата дека тој сам бил повикан од мене и таму имало неколку советници од владата. При што понудив да му ги покажат сликите од советниците затоа што имав само девет и лесно ке ги препознае”, пишува Георгиевски.
Тој додадава дека сите други обвинети доблесно негирале дека никогаш со него не воделе разговор за приватизацијата на Поштенска Банка.
,,И тогаш пред СЈО и сега пред јавноста недвосмислено изјавувам дека немам ништо со приватизацијата со Поштенска банка а уште помалку со второто дело за кое ги товарат.
Се работи за јасни постапки на приватни бизнисмени каде што целиот интерес профит е за нивните фирми. Од сите обвинети личности во животот едно пиво се немам напиено.
Жал ми е што и покрај тоа што во СЈО самите ми потврдија дека Томица Главчев три пати ја сменил изјавата повторно решиле да го извалкаат моето име”, додава Георгиевски.
Специјалното јавно обвинителство отвори нова истрага со кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага, во рамки на која, три од осомничените девет лица се приведени пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1.
според СЈО, за Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев, Никола Груевски, Томе Главчев и Ратко Димитровски, настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување.