Само обид за споредба или нов пробен балон пушти во вчерашната емисија „Само вистина“ полицискиот генерал Стојанче Ангелов од Достоинство во дебатата со проф. Димитар Апасиев од Левица. Во еден дел од емисијата, на забелешката дека реагира емотивно, проф. Апасиев возврати дека е емотивен за квислинзи.
И во тој момент, Ангелов се впушти во авантура, што може да има далекусежни последици, зашто на Апасиев му постави прашање дали Гоце Делчев бил квислинг?
Одоговорот прво беше краток и категоричен – Не!
Но, Ангелов не заврши тука и продолжи:
-Па, зошто се бунел против Илинденското востание?
-Оти имал сенс да процени дека ќе им биде невозможно…
-Па, можеби Зоран Заев е нов Гоце Делчев. Во тој момент кога Гоце Делчев одел по околиските штабови да ги убедува…, изјави Ангелов.
-Ооо, па ти го споредуваш Гоце Делчев со Зоран Заев, дали си ти нормален, неспоредливи работи споредуваш. Јас предавам на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“. Па, немој така, навреда за Гоце Делчев да го споредуваш со Зоран Заев, возврати Апасиев.
-Кога Гоце Делчев одел по тогашните штабови на ВМРО и пропагирал против кревање востание..., продолжи Ангелов.
-Во право бил, прерано било, реплицираше Апасиев.
-А, што мислеле тие на кои им велел немојте да кревате востание и сакале да се тепаат. Како гледале на Гоце Делчев, како на предавник, види го овој не ни дава да се тепаме, следуваше, најблаго речено, збунувачката констатација на Ангелов.
-Е, како да не, како на предавник, Делчев бил апостол на ВМРО, со пиетет гледале кон него, возврати Апасиев.
-Затоа што гледал понапред, продолжи Ангелов.
-Кој гледа на Заев со пиетет. Како го споредуваш, сквернавење е за Гоце Делчев и не давам во мое присуство тоа да се прави, да се споредува Зоран Заев со Гоце Делчев, изјави проф. Апасиев.
Во политиката нема случајности, па било тие да доаѓаат од таканаречени мали или големи партии. Обидот на Ангелов да направи споредба и да ги поистовети Гоце Делчев и Зоран Заев и тоа како обични предавници на македонскиот народ уште во стартот е апсолутно погрешно. Зашто, и едниот и другиот мораат да се гледаат во дадените историски услови и околности. А, тврдењето дека Гоце Делчев бил предавник ниту било сретнато, ниту споменато во историската наука и историографија.
На првото ТВ-соочување меѓу лидерите на владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, Заев одби да одговори на директното прашање што бил Гоцед Делчев. Тоа, најблаго речено, беше несфатливо, дотолку повеќе што токму Заев беше човекот во улога на премиер, кој на сиот глас го промовираше Илинденска Република Македонија за ново име на државата. И може само да се замисли какви последици ќе имаше тоа ако беше прифатено во контекст на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Се уште се памети изјавата на Заев, што се слуша и во еден од спотовите во кампањата:
-Ние сме братски хора, с’шти народ.
Овие зборови се речиси идентични со оние на проф. Денко Малески, кои наидоа на остра осуда во јавноста. И токму заради нив претседателот на државата Стево Пендаровски најде за потребно да се огради од нив со потенцирање дека тој, за разлика од Малески, не мисли дека Македонците и Бугарите биле ист народ. За жал, Заев не прави ваква јасна дистинкција, туку се обидува тоа да го сведе на почитување на јазикот на соседот.
Но, со тоа Заев за релативно кратко време по втор пат му забива нож в грб на Пендаровски и му кажува кој е „газда в куќи“, што шефот на државата го става во улога на партиски послушник и нов „политички фикус“ во претседателската резиденција.
Зашто, Заев е изгледа е единствениот од политичката партиска елита, кој не сака постигнување консензус и одредување црвени линии во односите со Бугарија. Пендаровски во неговиот последен ТВ-настап излезе со три различни толкувања дека меѓу политичките лидери постои општ консензус околу тоа и најави дека по изборите ќе бидат ставени и нивни потписи на одредените црвени линии. Ако до тоа не дојде, тогаш уште еднаш ќе се потврди дека претседателот на државата е на добар пат целосно да го изгуби својот политички интегритет.