Британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј во интервју за МИА, во однос на потребата од донесување нов закон за Јавно обвинителство и спојувањето на сегашното СЈО со Основното јавно обвинителство за организиран криминал, вели дека реформите во обвинителството се дел од пошироките реформи поврзани со владеење на правото што се приоритетни за ЕУ и за НАТО, како и за граѓаните на државата, па затоа политичките партии мора да го стават интересот на земјата пред се.
– Ефективноста и интегритетот на целокупното правосудство е предуслов за национална стабилност и просперитет – вели Галовеј.
Амбасадорката нагласи дека Советот на ЕУ отсекогаш бил јасен дека треба да се утврди правна одговорност за сторените противзаконски дејства за кои јавноста дозна од прислушуваните разговори од 2015 година.
Според неа, квалитетните законски рамки се важни, но владеењето на правото се заснова на нивната примена, па затоа случајот „Рекет“ е можност да се покаже делотворно, навремено и неселективно спроведување на законите.
– Најважно е граѓаните да видат дека владеењето на правото подеднакво важи за сите – потенцира Галовеј.
Таа нагласува и дека Велика Британија ја поддржува евроатлантската интеграција на Северна Македонија и се надева дека Европскиот совет на самитот во октомври на земјата ќе и даде датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
– Северна Македонија покажа лидерство и храброст во пристапот кон проблемот со името и постигна значаен напредок со бројни реформи. Општиот правец е позитивен, но за вистински промени треба време и постојани напори од сите учесници во општеството. Процесот на влегување во ЕУ треба да ги засили овие реформи – вели Галовеј во интервјуто за МИА.