Македонија 20. септември 2020. / 12:20

ГАК: Родилката починала од крварење – комисија ќе го испитува случајот

ГАК: Родилката починала од крварење – комисија ќе го испитува случајот

Дефект со згрутчување на крвта, како резултат на што најверојатно дошло до одвојување на постелката.

На Клиниката за гинекологија сметаат дека ова довело до смрт кај 40 годишата родилка од Скопје која синоќа почина на клиниката. Според доктор Сашо Стојчевски, кој во моментот ја менува директорката Јовановска, родилката која била во 36 гестациска недела дошла на преглед на ГАК и откога и било направено Це-Те-Ге, и било кажано да седи надвор бидејќи снимката била сомнителна, но бебето било живо.

„Пациентката била замолена да поседи надвор, но таа заминала дома и се вратила за еден час и 40 минути. Плодот во утробата на втората снимка веќе бил мртов“, изјави за НОВА, д-р Стојчевски.

Потоа, според него, следела процедура за тест од коронавирусот кој траел околу еден час. Родилката била хоспитализирана и бил направен царски рез со кој било извадено бебето.

„После царскиот рез во петокот таа започнала обилно и неконтролирано да крвари, поради што во саботата, друга екипа направиле интервенција при што е извадена матката. Направено е се но, крварењето било неконтролирано од сите страни, како резултат на дефект на коагулацијата,поради што слабее срцето, а почнале да откажуваат бубрезите и другите органи што довело до смрт“, рече Стојчевски.

Од друга страна, роднини на родилката за Канал 5 тврдат дека, откако наводно и било кажано да дојде во сабота на нов преглед ,по два часа од прегледот направен во петокот,  на пат кон дома, родилката прокрварела и била повторно вратена назад, по што била подложена на царски рез.

Стојчевски смета дека двете екипи направиле се што можеле, но сепак најави дека случајот ќе го испитува внатрешна Комисија за контрола на квалитет на ГАК.

Останува отворено прашањето дали тоа ќе го направат и други независни институции и дали Министерството за здравство ќе формира комисија за да го испита случајот.

Зачудува и фактот што обдукција не е направена, бидејќи наводно семејството побарале да го земат телото. Законската регулатива во вакви случаи е децидна дека обдукцијата е задолжителна, особено во вакви и слични случаи