Македонија 14. септември 2018. / 12:09

Функционер на СДСМ вмешан во ,,незаконски” превоз на ученици

Функционер на СДСМ вмешан во ,,незаконски” превоз на ученици

Фирма Тритерол ДООЕЛ Струмица – подружница Берово се обидела незаконски да го преземе превозот со ученици во Берово. Тоа, според сознанијата до кои дојде Радио Слободна Европа, било организирано од страна на претседавачот со Советот на општината од редовите на СДСМ, кој е и вработен во фирмата.

Автобусите испишани со името на фирмата на првиот училишен ден на 3 септември на вообичаеното место ги чекале учениците од основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“ во Берово. Но, фирмата ги однела до нивната крајна дестинација без склучен договор и без дозвола од градоначалникот и додека траеле преговорите за тендерот за превоз на ученици.

Според информациите на Радио Слободна Европа, беровското училиште на 6 август објавило тендер за превоз на ученици за учебната 2018/19 година. Но, повикот бил поништен, бидејќи единствениот понудувач, фирмата Берово транс, понудила цени кои биле понеповолни од реалните на пазарот. Училиштето потоа започнало постапка за јавна набавка во постапка со преговарање без објава на оглас, што било искористено од страна на Тритерол. пишува Радио Слободна Европа.

„Во понеделникот на 3 септември тие без никаков тендер, без никаков договор почнаа да ги возат учениците во основното школо“, вели претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берово, Никола Атанасов.

Сања Јакимовска, која е правник во фирмата Берово транс вели дека Тритерол делувал спротивно на законот.

Според неа, Законот за јавни набавки децидно одредува дека не може и не смее по ниеден основ да се започне со извршување на предметот на набавката се додека постапката не е конечно завршена.

Поврзаноста на Тритерол ДООЕЛ Струмица – подружница Берово со СДСМ

Подружницата во Берово е дел од фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица, а нејзин управител е Лефтер Андонов, кој беше советник за транспортна политика во Kабинетот на премиерот Зоран Заев.

На автобусите на подружницата во Берово како контакт телефон е наведен телефонскиот број на претседавачот на Советот на општина Берово, Јован Матеничарски, кој доаѓа од редовите на СДСМ. Матеничарски е и претседател на општинската организација на СДСМ во Берово.

На прашањето на РСЕ до Матеничарски, каква му е поврзаноста со Тритерол, тој потврдил дека тој е лицето за контакт и дека е вработен во фирмата како комерцијалист. Но, негирал дека фирмата го вршела превозот на ученици.

„Не ви е точна информацијата. Имаме автобуси тука на територијата, бидејќи мора да добиеме лиценца за локален линиски превоз. Мора на подружницата да се водат тие автобуси. Имаме отворено канцеларија, а превоз не вршиме. Ќе конкурираме на тендери па после ќе вршиме превоз, ако ги добиеме тендерите“, вели Матеничарски за РСЕ.

Тој најпрвин тврдел дека превозот го вршел Берово транс, а потоа дека всушност не знае кој го врши превозот.

Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ смета дека е недозволиво Матеничарски, како функционер на СДСМ, да биде и лице за контакт на фирмата, но Матеничарски не гледа конфликт на интереси со тоа што е вработен во подружницата.

Директорката на основното училиште „Дедо Иљо Малешевски“, Наташа Аврамска не одговорила конкретно на прашањето на РСЕ како фирмата Тритерол ги превезувала учениците.

Додека траела постапката со преговарање, Аврамска потврдува дека Комисијата за јавни набавка ѝ доставила неколку понуди, за разлика од првиот тендер кога понудувач била само Берово транс. Но, не прецизира дали се преговарало и со Тритерол, бидејќи тоа било работа на комисијата.

На прашање дали директорката Аврамска ќе побара одговорност, вели дека најпрвин ќе ги разгледа сите факти и согласно законот ќе види што може да се направи. Се обидовме да стапиме во контакт и со комисијата за јавни набавки при училиштето, но не добивме одговор.

Тритерол не побарал дозвола за превоз на ученици

Градоначалникот на Oпштина Берово, Звонко Пекевски од СДСМ, вели дека не е запознаен со работниот ангажман на Матеничарски.

„Ниту знам, ниту сум запознаен за работниот ангажман на претседателот на Советот на Општина Берово, за тоа дали постои конфликт на интереси доколку е вработен таму, побарајте да се произнесат надлежните институции“, ни одговори градоначалникот.

Од општината велат дека веќе имаат преземено мерки со тоа што го задолжиле училиштето, како што наведуваат, да ги прекине сите незаконски дејствија, доколку такви постојат, и во најкраток можен рок согласно позитивните законски прописи да спроведе соодветна постапка за јавна набавка.

Постапката без преговарање во меѓувреме била укината, а на 5 септември е распишан нов тендер. Но, Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека со новиот тендер се отвора патот за Тритерол.

„Целта им е значи Берово транс да ја тргнат комплетно да можат да го земат тендерот, не само во основното школо, туку и во гимназијата, а веќе имам сознанија дека во повеќе градови во источна Македонија се однесени автобуси и се регистрираат подружници во тие градови“, додава тој.

Од Берово транс тврдат дека Тритерол нема право да конкурира на новиот тендер согласно новите измени во Законот за патниот собраќај кои стапиле на сила на 4 септември и според кои е неопходно да се има дозвола од градоначалник на општината за да се превезуваат ученици. Според новите измени, градоначалникот ги утврдува и цените врз основа на кои треба да се врши превозот за да не се склучуваат договори во четири очи и да не се даваат цени кои не се реални.

Фирмата Тритерол ДООЕЛ Струмица има лиценца за вршење на посебен линиски превоз, која според податоците на Министерството за транспорт и врски, била издадена на 17 март минатата година. Но, доколку фирмата сака да превезува ученици, потребна ѝ е дозвола од градоначалникот на Берово. Од Општината велат дека фирмата досега не побарала дозвола.

„Согласно членот 43 и 44 од Законот за превоз во патниот сообраќај, градоначалникот на општината издава дозвола за посебен линиски превоз на патници (ученици), а лиценцата за вршење слободен превоз на патници и посебен линиски превоз на патници ја издава Министерството за транспорт и врски“, соопштуваат од Општина Берово.