Несовесниот однос на жителите и посетителите на Охрид го загрозува функционирањето на колекторскиот систем во градот, што ги собира отпадните води но и го штити Охридското езеро.
Од јавното претпријатие „Колекторски систем“ велат дека влажни марамчиња, пелени и хигиенски влошки се фрлаат во секундарната канализација и ги затнуваат потопните пумпи поставени на препумпните станици од цевководот на колекторскиот систем.
На овој начин, се загрозува функционирањето на колекторот преку несоодветното одлагање на отпад во канализационата мрежа. Екипите на државното ЈП „Колекторски систем“ нон-стоп се на терен за да ги отстранат влажните марамици, памперси и хигиенски влошки кои ги затнуваат пумпите.
ЈП „Колекторски систем“ уште еднаш ги замолува граѓаните и туристите во Охрид и туристичките населби за соодветно одлагање на отпадот бидејќи секундарната канализација не е место за одлагање на овој вид отпад. Заштитата на животната средина и нашиот бисер, Охридското езеро, е наш заеднички интерес – вели директорот на државното јавно претпријатие, Владимир Алексијоски.