Македонија 06. ноември 2018. / 16:42

(ФОТО) Што прави Захир Бекири – Чауш со висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ?

(ФОТО) Што прави Захир Бекири – Чауш со висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ?

Фотографии на кои се гледаат Захир Бекири – Чауш, главен обвиниет во случајот „Фабрика за афери“ и членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски стигнаа до редакцијата на „Економски Лидер“.

Како што тврди нашиот извор, Чауш, кој важеше за близок до премиерот Зоран Заев, минатата недела пиел кафе со Ѓорѓиевски во кафуле во Аеродром повеќе од 2 часа. Од соседните маси можело да се чуе како му дава инсајдерски информации за нелегално работење на луѓето блиски до премиерот и му се жали на тоа дека новата власт го запоставила и покрај тоа што за нејзиното доаѓање тој дал огромна жртва која резултираше и со претстој во затвор.

Неговиот соговорник во фотографираната попладневна дружба, Орце Ѓорѓиевски, важи за личност од исклучителна доверба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од неговите јавни настапи се добива впечаток дека тој е еден од ретките „безбедњаци“ во партијата, кој се бави со прашања поврзани со работењето на МВР и останатите безбедносни институции.

Лидер во последните два дена се обидува да стапи во контакт со Ѓорѓиевски, кој дури утринава само кратко се одзва да одговори на нашите прашања за тоа каков заговор кова со Чауш.

-Не гледам зошто мојата средба со Захир Бекири би била прашање од јавен интерес. Особено што фотографиите кои ми ги пративте се направени на неетички начин, скришно, без јас да знам. Не дека нешто кријам, но, едноставно не гледам зошто на јавноста би и откриш што сум разговарал на средба во кафуле. – кратко ни одговори Ѓорѓиевски.

Инаку, за скандалот „Фабрика за Афери“, Захир Бекири – Чауш, беше осуден на две ипол години затвор. Во 2015 во неговиот домн полицијата пронајде опрема за производство на фалсификувани лични карти и пасоши, кои не беа користини туку се прикажуваше дека тогашната власт со нив успевала да победи на избори. Во исто време, кај него беа пронајдени и 70.000 прислушувани разговори од бомбите на премиерот Зоран Заев.

Чауш важеше за исклучително близок до сегашниот премиер, кој додека беше опозиционер него го прикажуваше како жртва на режимоит. Во јавноста излегоа и пресретнати пораки помеѓу фамилијата на Чауш и премиерот, во кои тој им ветуваше помош.