Македонија 21. август 2020. / 14:40

(ФОТО) Од „Мериот“ пред ВМРО и пак назад: Иницијаторите дојдоа со дваесетина насилници!

(ФОТО) Од „Мериот“ пред ВМРО и пак назад: Иницијаторите дојдоа со дваесетина насилници!

Дваесетина некогашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ од ерата кога партијата отиде во опозиција, денеска се појавија пред централниот штаб да побараат оставка од претседателот Мицкоски и конгрес. Групата беше придружувана од десетина насилници.

Нив ги предводеше контроверзниот поранешен градоначалник на Аеродром, Ивица Конески кој беше придружуван од некогашниот ас на партијата Демократска Десница, Филип Петровски.

Присутен беше и Владимир Бахчовановски, поранешен директор на видео-лотарија, а сега директор на кладилниците „МаксБет“ кои ги поседува Сашо Мијалков.

Оваа група директно се поврзува со озогласениот екс директор на УБК, Сашо Мијалков. Тоа е потврдено со фотографии затоа што сите до еден претходно беа во хотелот „Мериот“ кој го поседува токму Мијалков.

Фотографиите кои ги направија репортерите на „Лидер“, потврдуваат дека маршутата беше „Мериот“ – „ВМРО-ДПМНЕ – „Мериот“.

Иницијаторите пред да се појават пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, самите на социјалните мрежи се пофалија дека поаѓаат од близината на „Мериот“. Филип Петровски, постави фотографија заедно со поранешниот градоначалник на општина Дојран, Борче Стамов.

За групата говореше некогашната пратеничка Весна Дамчевска, која според тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ подолго време нема никаква функција во партијата, но се претставува како член  на Извршниот одбор на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашана од новинарите за тоа што мисли за ликот и делото на Сашо Мијалков, Дамчевска рече дека нема никаков личен контакт со него, за само неколку секунди подоцна да каже дека често се среќава со Мијалков.

– Што мислите за Сашо Мијалков? – новинар
– Немам, немам лични контакти! – Дамчевска
– Кога последен пат, сте се виделе? – новинар
-Па како не сум се видела, тој е член на партијата, можеби пред сите нас. Се среќаваме и случајно а некогаш и по потреба. – рече Дамчевска.


На новинарската забелешка дека во групата нема ниту еден кој е на позиција во партијата, Ивица Коневски одговори дека тука е градоначалник на Илинден, Жика Стојановски. Тука беше и поранешниот гградоначалник Петре Латиновски кој дојде заедно со своето син.

Додека групата бараше оставка и конгрес, наспроти плоштадот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, беа застанати десетина насилници со избричени глави, веројатно како обезбедување за во случај некој од членовите да ги нападне овие неомилени функционери.

Пред почетокот на прес конференцијата портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски ги покани присутните да се сретнат со претседателот Мицкоски, но наместо тоа тие одлучија да држат прес-конференција и да побегнат назад во Мериот.

Од партијата во соопштение велат дека една помала група на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои наместо да се фокусираат на борбата против Зоран Заев, одбраа да служат на неговите интереси и денес кога уште не е изгласана новата Влада на Заев, со стари и компромитирани транзициски кадри побараа нов конгрес и дадоа изјава пред седиштето на партијата.

-Во насока на транспарентноста тие веднаш беа поканети на средба со Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и раководството, при што тие за жал не изразија подготвеност за отворена и конструктивна средба бидејќи немале таква насока.
ВМРО-ДПМНЕ за разлика од СДСМ е организирана и демократска партија, при што истите ги повикуваме нивната иницијатива да ја достават до партијата и таа ќе биде разгледана од Централниот Комитет на партијата.
За ВМРО-ДПМНЕ наместо интригантските игри на „Мериот“ коалицијата која им служи на интересите на Заев, поважна е борбата против катастрофалното управување на државата. – велат од најголемата опозициска партија.