Активист на СДСМ, Петар Тошкоски, на својот фејсбук профил се пофали дека се вработил во општата болница во Прилеп, а особена благодарност за завршената работа, тој упатува до градоначалникот Илија Јованоски.
-Му благодарам на мојот татко за неговото жртвување што го даде сета оваа година уназад од почетокот до крајот. Му благодарам на градоначалникот Илија Јованоски за поддршката што ми ја пружа и што ми го осигура животното прашање во овие тешки мигови. Исто така му благодарам и на претседателот на совет, Миле Талевски…, пишува Тошкоски на својот ФБ профил.
СДСМ во предизборната кампања ветуваше непартиска и ефикасна јавна администрација. Но, за разлика од тоа, во периодов на владеење на оваа партија, прилично е очигледно вработување во државната и јавната администрација со партиски кадри на сите нивоа.
Членови на нивните потесни семејства, пријатели и познаници се поставуваат на високи места без конкурс и без посебни критериуми. Единствениот критериум е да се членови на СДСМ или да се блиски со некој висок функционер на СДСМ.
Опозиицијата обвинуваше дека административните службеници биле казнувани неосновано и спротивно на Законот, спротивно на сите демократски права и начела.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави дека се почнати активности за деполитизација на администрацијата. А со реорганизацијата, вишокот на административци ќе се понуди на приватниот сектор.
Со хоризонталната функционална анализа која првпат се прави, ќе следи реорганизација и оптимизација на администрацијата. Онаму каде што анализата ќе покаже дека може да се укинат, ќе се укинат, некои ќе се спојат, а ќе се формираат и нови институции. Никој нема да ја загуби работата, а на вишокот администрација ќе им биде понудено да бидат ангажирани во приватниот сектор, информираше минатиот месец Манчевски.