Идната претседателка на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и германската канцеларка Ангела Меркел од Берлин порачаа дека на земјите од Западниот Балкан мора да им се обезбеди перспектива во ЕУ.
Како што пренесува Дојче Веле, Фон дер Лајен најави нови специјални проекти за соработка и помош со Македонија и Албанија за да се намали разочарувањето од неуспехот да се добие почеток на преговори со ЕУ.
– Цврсто сум убедена дека за нас е од големо стратегиско значење да го приближиме Западниот Балкан што поблиску до ЕУ. Се додека не можат да се отворат пристапните преговори со сите сили ќе се обидувам да развивам заеднички проекти кои по патот на потесната соработка ќе ги приврзат земјите од Западниот Балкан поблиску до нас, затоа што ако ние не го сториме тоа, некои други ќе го искористат вакумот, а тоа не го сакаме. Албанија и Северна Македонија презедоа неверојатни напори за да ги исполнат критериуми кои ние од нив ги баравме – изјави Фон дер Лајен.
И канцеларката Ангела Меркел одново ја критикуваше блокадата на Франција како грешка.
– Уште еднаш кажав дека од стратегиски европски интереси, сметам дека е од екстремна важност овие земји да не ја загубат надежта за членство во ЕУ – изјави Меркел.