Македонија 10. јуни 2018. / 21:19

Флабурарис: Независни Грци да не го спречуваат постигнувањето на решение

Флабурарис: Независни Грци да не го спречуваат постигнувањето на решение

Отворена е голема можност за решение на прашањето, а Независни Грци појасно да го видат интересот на земјата и да не го спречат постигнувањето решение, изјави министерот без ресор на Грција, Алекос Флабурарис за весникот „Етнос“.

„Ова прашање не постоеше во почетната агенда на владата, ниту беше дел од договорот за соработка. Но, ставовите на нашите партии беа познати. Сепак, се појави прашањето и сметаме дека ова е голема можност да се реши. Затоа, лично ги повикувам Независни Грци да не ја спречат можноста што се отвора за нашата земја да обезбеди мирно решение кое ги штити нашите национални интереси. Нека го видат појасно интересот на земјата“- вели Флабурарис.

Независни Грци се коалиционен партнер во грчката Влада.

Грчкиот министер без ресор изразува убеденост дека набргу ќе постои договор меѓу Македонија и Грција, а вели дека актуелната грчка влада често носела и носи тешки одлуки, но тие биле за доброто на земјата, пренесува МИА од Атина.