Министерот за здравство, Венко Филипче во гостувањето во Дневникот на Сител рече дека почетокот на вакцинацијата е почеток на последната фаза во борбата против Ковид-19.
-Навистина сум пресреќен. Помина една тешка година, од кога ќе се дијагностицираше првиот случај. Година на многу неизвесности и борба да се одржи здравствениот систем. Борба да се одржи секој човечки живот, рече Филипче.
Во однос на подготовката за имунизацијата вели дека властите се спремале согласно препораките од соодветните меѓународни здравствени институции и производителите на вакцините.
-Го надградивме постоечкиот систем за имунизација. Целосно се едуцирани, тренирани докторите и медицинските сестри кои што ќе работат со оваа вакцина. Поминаа неколку фази на едукација. Имаат целосно поставена инфраструктура, спремни се пунктовите. Неколку пати се организираше и тренинг за да се види во практични услови, рече Филипче.