Во овој момент во државата на располагање има околу 1400 тестови за корона вирус, а завршена е и постапка преку која се набавени дополнителни 1000 тестови, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој информираше дека на располагање земјата може да има по 1000 тестови секоја недела, а дополнително информирашр и дека Институтот за Јавно здравје започнал постапка со која набавува близу 5000 тестови.
– Бројката на тестови сметам дека е сосема доволна, рече Филипче.
Во однос на откривањето на болеста, министерот рече дека од понеделник почнува да функционира системот на закажување кај матичните лекари, кои имаат алгоритам кој што треба да се пополни и да укаже на тоа дали пациентот треба да се тестира или не.
– Има повеќе податоци во однос на симптомите, манифестацијата, епидемиолошки податоци. Согласно тоа ќе се врши закажување на тестирањето во еден од пунктовите, изјави Филипче.