Македонија 23. јули 2018. / 11:03

Филипче го стопираше тендерот: „Економски Лидер“ спаси 36 милиони евра народни пари!

Филипче го стопираше тендерот: „Економски Лидер“ спаси 36 милиони евра народни пари!

Министерот за здравство Венко Филипче го стопираше тендерот вреден 36 милиони евра, кој го распиша министерството за здравство за набавка на хемиски реагенси, а беше избрана фирма регистрирана од пред четири месеци, која за сопственик има 27 годишен државјанин на Србија.

На тендерот имаше спецификација на машини какви што поседува само компанијата „АРХ ЛАБ“, која во наредните три години требаше да прави набавка за централизирано испитување на крвта.

Директорот на компанијата Александар Јовановски – Жути, денеска требаше да одржи прес конференција поврзана со тендерот, но, рано утринава таа беше откажана.

Министерот Венко Филипче на денешната прес конференција соопшти дека со евалуацијата е потврдено дека има недостатоци во тендерската документација на единствениот пријавен на тендерот вреден околу 36 милиони евра. Тој рече дека тендерот е стопиран за да се прекинат и сомнежите во јавноста, со оглед на тоа што има само еден понудувач, но и тврди дека при носењето на одлуката немало никакви притисоци.

Редакциски коментар на порталот Економски Лидер:

Почитувани читатели,

Додека сите затвораа очи пред очигледниот обид за местење на овој тендер, кој е сомнителен од самиот почеток, ние ве информиравме за неправилностите и будно го следевме целиот процес. Тоа ни е мисија и задача, сметаме дека од нас не се очекува ништо помалку. Со нашето истражувачко новинарство, успеавме на јавноста да и разоткриеме како министерот Филипче, од самиот почеток, со давањето на спецификациите во тендерот кои одговараат само на еден производител всушност сакаше да го намести тендерот. Ви се заблагодаруваме на довербата и поддршката, затоа што без вашиот притисок, притисокот на јавноста, сега овие пари ќе беа легнати на сметката на оваа фантомска компанија. Во исто време, им се заблагодаруваме на медиумите партнери кои ги пренесуваа нашите истражувања поврзани со тендерот, пред се на порталот „Република“, каде што на 16ти март годинава излезе првиот текст од серијалот. Им се заблагодаруваме на тимот од експерти кои соработуваа со нас и следејќи ги спецификациите уште од првиот ден знаевме и објавивме кој производител се фаворизира. Голема благодарност и до свиркачите од Министерството за здравство и Јавните здравствени установи за точните информации кои постојано ни ги даваа. Во прилог ги имате сите текстови од истражувачкото известување за овој тендер.

Љупчо Златев, Главен уредник на lider.mk

Текст 1, Република, 16.03.2018: Афера со реагенси и апарати: Филипче прави монопол – некој ќе се богати?! – линк

Текст 2, Република, 17.03.2018: Афера со апарати и реагенси: Филипче потврдува дека ќе се фрлаат функционални апарати – линк

Текст 3, Економски Лидер, 20.04. 2018: Филипче доделува 30 милиони евра за реагенси – добитникот познат пред да се објави тендерот – линк

Текст 4, Економски Лидер, 01.06.2018: Скандал: Апарати ќе се фрлаат за Филипче да додели 30 милиони евра на грчко – албанска компанија? – линк

Текст 5, Економски Лидер, 20.07.2018: Млади ќе станат милионери: Филипче им даде тендер од 35 милиони евра – линк

Текст 6, Економски Лидер, 20.07.2018: “Да не сте помислиле да учествувате на тендерот” – вака Жути и Петрич добија 35 милиони од Филипче – линк