Спроведувањето на пописот во време на пандемија е голем предизвик, но процесот може да се спроведе и заврши по сите здравствени протоколи, рече министерот за здравство д-р Венко Филипче на онлајн конференција.
Филипче посочи дека министерството за здаравство и Комисијата за заразни болести како и за време на одржувањето на изборите, така и сега за спроведување на пописот ќе бидат на располагање за едукација и донесување на протоколи за спорведување на една ваква комплексна операција.
-Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести сме на располагање на сите чинители кои ќе бидат вклучени во процесот на спроведување на пописот. Ќе дадеме свои укажувања, доколку е потребно може да имаме и мини едукација како тоа да биде организирано од институциите кои што ќе го водат тој процес, рече Филипче.
Министерот како пример го посочи спроведувањето на изборниот процес, кој во делот со спроведување на здравствените протоколи помина без ниту една забелешка.
-Се ова ни дава и параво да кажеме и можеме да ве увериме дека процесот со пописот може да се изведе и да се заврши по сите здравствени протоколи. Консензус на ниво на Светската здравствена организација е дека ниту еден процес и постапка не треба да запре, туку треба да се спроведува со протоколи кои се универзално прифатени во сите земји. Во таа смисла сме на располагање и во делот на експертизата, и комуникациски да го поддржиме процесот кој што е пред нас и е од клучно значање за државата, рече Филипче.