Ако немаш срам, прави што сакаш. Да го етикетираш својот народ пред светот само за да бегаш од одговорноста за неуспехот е плафонот на срамот на оваа тинејџерска политика. Во услови кога ниту еден нивен претставник, или на било кој друг субјект, ниту еден претставник на невладините организации, ниту еден претставник на ОБСЕ/ОДИХР не констатирал ниту една забелешка за изборниот процес, срамно е да протестираш против народот кој не те гласал, пиша на Фејсбук Бујар Османи коментирајќи го протестот на Алијанса и Алтернатива на Села и Гаши за кражба на гласови.
Загриженост за обвинувањата за изборни нерегуларности изрази и заболениот од корона вирусот, министерот за економија Крешник Бектеши. Тој од карантин констатира дека протестот на опозициските партии е срамен.
–Во карантин, слушајќи невиден срам до денеска. Срам да ви е, ама срам, срам, срам… Албанците ниту се купуваат ниту се продаваат, пусти да сте, туку достоинствено и гордо на секого му го кажуваат местото кај им е, се огласи на Фејсбук Бектеши.
Коалицијата на Алијансата и Алтернатива од протестниот марш порачаа дека држава што ги почнува преговорите за членство во ЕУ не смее да дозволи дел од нејзините граѓани да бидат лишени од правото да избираат и да бидат избрани, што е основно човечко и политичко право во ЕУ.
Лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши во обраќањето пред делегацијата на ЕУ од маршот упатија две барања до земјите – членки на ЕУ: да не се признае легитимноста на ДУИ како претставник на Албанците и да почне процесот на радикална реформа на Изборниот законик.