Македонија 29. ноември 2018. / 15:56

Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија со условена препорака за почеток на преговори во јуни

Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за Македонија со условена препорака за почеток на преговори во јуни

Европскиот парламент, со огромно мнозинство ја усвои резолуцијата на известувачот Иво Вајел за препорака за почеток на преговорите со Македонија, во јуни наредната година, пренесе Телма. Неговата резолуција беше усвоена со 470 гласови ЗА и 116 ПРОТИВ.

Владата и Парламентот сега пред себе имаат многу важна задача, како прво тоа е спроведување на Договорот од Преспа и уставните измени со кои ќе се заврши долгогодишниот спор околу името, по што ќе може да се почнат пристапните преговори. Навистина се надевам дека тоа ќе се случи во јуни следната година, рече Иво Вајгл, известувач за Македонија.

Еврокомесарот Хан истакна дека земјата се врати на евроатлантскиот пат и ги поздрави изгласаните уставни измени нарекувајќи ги храбар чекор кој очекува да продолжи без одлагање.

-Затоа е потребна демократско-инклузивна атмосфера во земјата. Сите партии и институции треба учествуваат во тоа. Македонија треба да се модернизира судскиот систем, да се почитува владеењето на правото, да се создаде простор за слободни медиуми, да се заштитат новинарите и да се води ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал, рече Јоханес Хан, еврокомесар за проширување.

Позитивни оценки стигнаа и од пратениците од Романија, земја која го презема претседателството со ЕУ од први јануари.

Кристијан Дан од ЕПП ја повика Грција на повеќе разбирање кон Македонија особено по острите критики на неколку грчки пратеници како Софиа Сакорафа која изјави дека нема да го поддржи извештајот на Вајгл за Македонија.

-Преспанскиот договор не е изводлив, а уставните измени го нарушуваат договореното, рече Сакорафа.

Константинос Пападакис од Комунистичката партија, го оквалификува извештајот на Иво Вајгл како „прекршување на ЕУ“ и „потклекнување пред големиот капитал за интересите на европските монополи“.

Земја која до вчера не беше подготвена, сега преку ноќ стана подготвена, ова е лудило, изјави Пападакис.

На гласањето сите грчки амандмани беа отфрлени, како оние, да се избрише зборот “македонски“ од извештајот, и да се вклучи ниската излезност на референдумот за името. Зелените успеја да го пртнат амандманот со кој се суспендираат проектите во Националниот парк Маврово додека не биде комплетирана “Стратешка проценка за животната средина“, која мора да биде усогласена со европското законодавство за животна средина.