Со 412 гласа „за“, 136 против и 30 воздржани, Европскиот парламент денеска изгласа Резолуција со која ги повикува земјите-членки на ЕУ на наредната средба да донесат одлука за почнување преговори со Македонија и Албанија.
Резолуцијата беше поднесена од 58 европратеници, кои изразија „длабоко разочарување од неможноста на Унијата да почне пристапни преговори, со оглед на тоа што обете држави направија значителни напори за исполнување на европските барања и ги исполниле условите за нов чекор на патот кон евроинтеграциите“.
–Политиката за проширување на ЕУ е најефективниот инструмент за надворешна политика на Унијата, а понатамошното распаѓање на таа политика може да доведе до сè понестабилна состојба во непосредното соседство на ЕУ – предупредува резолуцијата.
Европскиот парламент нагласува дека ваквата одлука од последниот самит е стратешка грешка, штетна за кредибилитетот на ЕУ и испраќа негативен сигнал до земјите кандидати во врска со добрососедските односи, како и дека отвора врата за други влијанија во регионот.
–Интеграцијата на земјите кои ги исполнуваат условите помага ЕУ да ја одржи својата меѓународна улога и да ги заштити своите интереси, а напредокот на патот кон ЕУ, исто така, има трансформативен ефект врз самите земји кандидатки, пишува во текстот на усвоената Резолуција.