Власта само на зборови е проевропски ориентирана, но не и по делата. А старите наши велат – Не гледај што некој говори туку пред се што прави. Па ќе прашам европски ли е да бега премиерот од дебата со лидерот на опозицијата? Бега и се моли што побрзо да заврши процесот со Уставните измени, а и за економијата нема што да каже. Ако излезе на дебата ќе мора да збори и за криминалите што се случуваат. Јас во Европа не сум видел премиер што бега од дебата – запраша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на обраќањето на 27. Годишна конференција на УМС.
Тој запраша и дали е Европски ли е да се претепа човек во Струмица со лица со фантомки само затоа што се дрзнал да го критикува братот на премиерот?
-Европски ли е да се води прогон кон опозицијата и да се прави полициска опсада на нејзиниот штаб. Европски ли е една фамилија на власта, сестрата да е директор на академијата за обвинители и судии, братот главен преговарач во комисијата што треба да ја одреди смерницата на нашиот идентитет. Ќерката државен секретар во секретаријатот за европски прашања, а мајката советник во град Скопје од редот на СДСМ. Ова го има само во СДСМ – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него Македонија е далеку од Европа со оваа власт. А како тргнало, вели тој, и наредната година нема датум за преговори.
-Живееме време кога секојдневието е црно. И затоа велиме дека ова се црнила. Она што Кочо Рацин го опиша многу сликовито, ние тоа денес го живееме реално – Денови ли се – денови аргатски маки големи! – рече Мицкоски.