Еминентни професори, нобеловци, научници, политичари и бизнисмени, заедно со над 700 учесници од целиот свет, беа дел од Европскиот Форум Алпбах 2019, Австрија, каде се разговараше за „Слободата и безбедноста“. На овој настан од светски рамки учествуваше и нашата заменик-уредничка м-р Симона Јосифовска.
Јосифовска, која за учеството на Форумот доби стипендија директно од австриски Телеком – А1, беше на исто место со поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, со претседателката на Генералното Собрание на ОН Марија Фернанда Еспиноса Гарцес, со претседателот на Австрија Александер Ван дер Белен, со канцеларката на Австрија Бригите Бирлајн, со професорот Џефри Сакс, со нобеловецот Џозеф Штиглиц, со генералниот секретар на ОБСЕ Томас Гремингер, со претставници од Европската Унија и други меѓународни институции, со други истакнати професори и функционери, како и со претставници на Гугл, Делотте, Пионерс, Бомбардиер и многу други светски компании. Претседател на Алпбах форумот е господинот Франц Фишлер, поранешен австриски политичар, кој беше европски комесар за земјоделство и рурален развој. Голем дел од стипендистите на овој форум, во иднина стануваат лица кои имаат влијание во општеството.
На овој Форум беа отворени многу прашања со кои светот моментално се соочува и беа презентирани одговори за предизвиците. За текот на форумот разговаравме со Јосифовска.
Форумот беше поделен на два дела. Првиот дел беше за семинари, а вториот симпозиуми.
– На првиот дел учествував на два семинари. Едниот беше за Дигитална демократска лабораторија, предводен од Зак Ексли, политички и технолошки консултат во САД, кој ја предводи претседателската кампања на Берни Сандерс. Од него научив низа на техники за промоција на сопствените идеи и нивна реализација во општеството. Освен него и Џејкоб Дејви, истражувачки менаџер за крајна десница и говор на омраза во Лондон, ни пренесе искуство и вештини за одбрана на демократијата. За втор семинар избрав лидерски тренинг со австриската воена академија. ЛИДФИТ- уметност на лидерството е семинар предводен од Џозеф Франц Конигсхофер, кој е на чело на одделот за лидерство на воената акдемија. По семинарот научив нови техники за лидерство и справување со кризи. – вели Јосифовска.
По одржувањето на семинарите Јосифовска беше дел од маратонот за иновации, каде во рок од 24 часа требаше, заедно со тимот да смисли иновација за австриска компанија.
– Јас неодамна завршив Академија за Кибер безбедност. Се пријавив на Иновацискиот маратон за да го дадам најдоброто од себе и да придонесам во развојот на технологијата. Не беше едноставно, но јас и мојот тим успеавме по 24 часа без сон, да креираме нацрт за 8 иновации. Креативноста се разви во моментот кога имавме најголема потреба од одмор. Компанијата на која и ги презентиравме иновациите сеуште ги обработува истите, па се надеваме на позитивен исход. – раскажува Јосифовска.
Потоа следувал делот на симпозиумите, каде релевантни политичари, професори, научници, бизнисмени и претставници од меѓународни институции одржуваа сесии во областите здравство, технологија, политика, право, економија и финансии. Развојот на органи надвор од телото, климатските промени, кризата на демократијата, нов банкарски ситем, кибер безбедноста и многу други теми биле опфатени на сесиите.
Предавањето на поранешниот генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, Јосифовска го издвои како едно од најдобрите.
– „Гледајте подалеку од себе си и предизвикувајте ги вашите лидери“ се зборовите кои господинот Бан Ки-мун ни ги соопшти на нас стипендистите. Неговата визија е да се исполнат целите за Одржлив развој на ОН. Тоа е многу значајно за нас и за нашата држава. Ние постојано зборуваме дека имаме потенцијал за нешто, но никако да го искористиме целосно. Нашата реалност, за жал, не е имплементација на стратегии за одржливост на долг рок. Истакнатите левичари, но и десничари, популизмот го оставаат на дилетантите и се целосно фокусирани за подобрување на општеството, на глобалното опшстество. – заклучи Јосифовска.
Во рамките на симпозиумите, таа, заедно со уште двајца стипендисти, остварија средба и со Евгениј Касперски, сопственик на Касперски Лаб, компанија од светски рамки за компјутерска безбедност.
– Кибербезбедноста е идинатата. За тоа се разговараше на сите симпозиуми. Иднината на оваа област ни ја презентира директно господинот Касперски. Со визија, но и конкретна работа, тие го креираат најбезбедниот оперативен систем во светот. На други сесии се дискутирање за заштитата на податоците, но и креирањето на дигитален идентитет, со што ќе може да се врши идентификација преку мобилен телефон. Тоа се предизвиците со кои се соочуваат телекомуникациските компании. – вели Јосифовска.
Она што посебно го издвојува е пријателскиот однос помеѓу учесниците од земјите од Западен Балкан.
– Граѓаните, а посебно младите немаат проблем во меѓусебната комуникација. Србите и Албанците од Косово немаат проблем да комуницираат и отворено, на високо ниво да разговараат за прашањата со кои се соочуваат нивните влади. Проблемот е во сиромаштијата во овој регион. Тоа е единствената пречка. Ние сите се согласивме дека за напредок во регионот потребни се некорумпирани политичари. Западен Балкан има кавалитетни млади лица кои навистина можат да придонесат за развојот на овие држави. Сепак треба да се истакни дека развиените држави се секако попривлечни за нас. Пред се поради можностите кои се нудат, за докторски студии, како и големиот избор за работа и унапредување. Тоа е полесниот пат. Голем дел од младите се соочуваат со огромни проблеми на своите работни места. Не станува збор дека младите на се доволно ангражирани. Се ангажирани, но општеството ги „гуши“. – заклучи Јосифовска.
Форумот Алпбах е искуство кое секој квалитетен млад човек, со визија за својата држава треба да го доживее. Јосифовска кажа дека идните активности за овој форум, согласно политиките на форумот, навреме ќе ги најави.