Европската комисија утре попладне ќе го објави годишниот извештај за Македонија. Во документот, кој претходно ќе се разгледува на неделна седница на Европската комисија, се содржани оценките на Брисел за постигнувањата на земјава во спроведувањето на реформите во изминатата година.
Веќе задутре, еврокомесарот за проширување доаѓа во земјава. Според информациите на „360 степени“, станува збор за неколкучасовен престој на Оливер Вархеји во Скопје.
Во текот на посетата предвидено е еврокомесарот да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и со надлежните министри во Владата.
Во агендата на Вархеји, која сѐ уште не е финализирана, оставен е простор за негово обраќање во Собранието. Се очекува еврокомесарот да прати пораки на поддршка за сработеното, но и да укаже на тоа што треба да се преземе во идниот период.