Македонија 07. октомври 2020. / 07:52

Еврокомесарот Вархеји денеска во Скопје

Еврокомесарот Вархеји денеска во Скопје

Еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји денеска во посета на Република С. Македонија ќе се обрати пред пратениците во Собранието во рамки на 17. седница.

Вархеји доаѓа во земјава, откако вчера Европската комисија го објави извештајот за напредокот на земјата на патот кон ЕУ, но и економскиот план за Западен Балкан.

Во текот на посетата е предвидено еврокомесарот да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и со надлежните министри во Владата.

Се очекува еврокомесарот да прати пораки на поддршка за сработеното, но и да укаже на тоа што треба да се преземе во идниот период.

Очекувањата во земјава, но и во Европската комисија, како и кај дел од влијателните земји членки, како Германија, која е претседавач со Советот на ЕУ, се дека во декември ќе се одржи првата меѓувладина конференција меѓу земјава и ЕУ, што ќе значи и де факто почеток на преговорите за членство.