Македонија 30. јануари 2019. / 18:21

Еве што одлучи Собранието по иницијативата на Тодор Петров за нов референдум за името

Еве што одлучи Собранието по иницијативата на Тодор Петров за нов референдум за името

Собранието денеска на продолжение на 81. седница одлучи дека не е уредна граѓанската иницијатива за собирање потписи од најмалку 150.000 избирачи за распишување дополнителен референдум за одлучување на граѓаните на целата територија на Република Македонија, доставена преку овластениот предлагач Тодор Петров, пренесе Либертас.

Одлуката беше изгласана со 49 гласа „за“, девет „против“, а тројца пратеници беа „воздржани“.

Според изгласаниот заклучок, иницијативата не е уредна бидејќи не е во согласност со член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните на кое се повикува подносителот, како и со членовите 25 и 26, став 2, од овој Закон со кој се уредува кога и во кои случаи, односно за кои прашања може да се распишува дополнителен референдум.

– Прашањето содржано во граѓанската иницијатива за кое се предлага распишување дополнителен референдум е поставено пред донесување на актот кој го уредува ова прашање, а референдумското прашање не е во согласност со името на државата. Согласно член 19 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните, а имајќи го предвид веќе одржаниот референдум граѓаните не може да се изјаснат повторно за исто прашање пред истекот на рокот од две години пред денот на одржаниот референдум. – рече претседателот на Собранието Талат Џафери.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека се ускратува правото на иницијаторот и е прекршен собранискиот Деловник и Уставот со тоа што Џафери, како што наведоа, спротивно на позитивните мислења за уредноста на иницијативата од Комисијата за политички систем и Законодавно правната комисија, ја поставил како точка на деневен ред на пленарна седница со одлучување на уредноста.