Македонија 16. февруари 2019. / 00:33

Еве кој ни е фаворит: Ставовите на редакцијата на „Лидер“ за конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Еве кој ни е фаворит: Ставовите на редакцијата на „Лидер“ за конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани читатели, како што веќе најавивме, во пресрет на претстојните претседателски избори, сакаме во Македонија (одбиваме да го користиме терминот „Северна“), да ја воведеме праксата која ја користат медиумите во САД, кои пред конвенциите на двете најголеми партии и на генералните избори, јавно соопштуваат кои се нивни фаворити, без притоа да ја нарушат својата објективност и професионалност.

Редакцијата на „Лидер“, на еден ден пред конвенцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги соопшти своите ставови за кандидатите на партијата, а истото ќе го направиме и пред конвенцијата на СДСМ и во моментот кога ќе ги имаме имињата на сите кандидати за претседател.

На 16.02.2019, се одржува конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и ова се нашите ставови за истата:

1. ВМРО-ДПМНЕ во никој случај не би требало да одлучи да ги бојкотира претседателските избори – Иако за ова прашање воопшто нема да се разгледува на утрешната конвенција, поради зачестената „пара кампања“ за бојкот во опозициската јавност – мора да посочиме дека бојкотот е целосно погрешно решение. Математиката вели дека доколку ВМРО – ДПМНЕ бојкотира, во вториот круг на изборите ќе нема цензус што ќе значи дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе стане привремен претседател а подоцна власта со мнозинството кое го има, најверојатно ќе направи уставни измени со кои претседателот ќе се избира во Собрание. Ова целосно ќе го уништи системот на кочници со што ќе се наруши демократијата во Македонија.

2. Раковотството на ВМРО-ДПМНЕ имаше фер однос кон сите кандидати – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, потпретседателите Николоски и Мисајловски и генералниот секретар Јанушев, целосно непристрасно им дозволија еднаков третман на сите кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за утрешната коненција. Ова е за поздрав, партијата покажа огромна внатрешна демократија која не сме ја виделе во друга политичка партија во Република Македонија.

3.Ѓорчев е наш фаворит – „Лидер“ е редакција со неоконзервативна уредувачка политика и како што до сега неколку пати сме напоменале, Владимир Ѓорчев ни е апсолутен фаворит на кој му посакуваме победа на конвенцијата, затоа што токму тој ги споделува нашите ставови. Се работи за млад политичар кој штотуку ја раситни својата 40-та година, но е со долгогодишно искуство, без скандали. Мислиме дека како претседател на државата, тој преку својот реал-политички пристап може да ја поведе Македонија напред. Човек со многу меѓународни пријателства. Стоиме зад Ѓорчев, затоа што веруваме во него и во неговата способност да привлече многу неопределени гласачи и да победи на изборите, иако се работи за партиски а не надпартиски кандидат. Сепак, кариерата е пред него, па и доколку не успее на утрешната конвенција, веруваме дека пред него ќе претстои блескава политичка кариера. Се работи за целосно про-западно ориентиран кандидат.

4. Од останатие кандидати, Силјановска има најголеми шанси – Анализата на терен покажува дека покрај Ѓорчев, професорката Гордана Силјановска, како непартиски кандидат има најголеми шанси за победа на утрешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, но и на претстојните претседателски избори. Таа веќе се претстави пред комитетите на партијата, со агенда со помал интензитет од онаа на Ѓорчев. Се работи за долгогодишен правен експерт со бројни меѓународни признанија, достоинствена госпоѓа која цврсто држи правно-патриотска линија. Исто така се работи за про-западно ориентиран кандидат. Таа својата кариера ја градела во западните меѓународни институции. И покрај идеолошките разлики со Силјановска, која е јасно дефиниран лев-либерал, доколку не успее нашиот фаворит – Силјановска ни е втор фаворит.

5. Не смее да се дозволи руско влијание преку Филип Петровски – Како што веќе кажавме,ВМРО-ДПМНЕ покажува високо ниво на демократија и на својата конвенција им дозволи пристап на сите кои аплицираа да учествуваат. Вкупно има 8 кандидати, еден од апликантите е Филип Петровски, некогашниот функционер на оваа партија, кој сега е кандидат за претседател од партијата „Единствена Македонија“. Чудно е што на партиска конвенција аплицира човек кој е кандидат на друга политичка партија, која пак покажува длабока поврзаност со безбедносните служби на власта во земјата и проруска политичка определба. Сметаме дека ваква руско-удбашка опција е штетна за Република Македонија и се надеваме дека делегатите на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го препознаат тоа.

6. Останатие кандидати не се профилираа – Се радуваме што сите кандидати на оваа партија, освен Филип Петровски, водеа достоинствена кампања, без јавни навреди и црни кампањи. За жал, останатите кандидати јавно скоро и да не се профилираа во внатрешната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, па токму затоа не можеме да изградиме став за нив.

*И покрај јасно искажаните ставови, на нашите читатели им ветуваме дека нема да известуваме пристрасно и за претстојните настани ќе ве информираме професионално и објективно.

Редакција „Економски Лидер“