Новоназначената амабасадорка на САД во Скопје, Кејт Брнс, откри дека кањонот Матко, Старата Скопска Чаршија, Охридското Езеро и Шарената џамија во тетово се местата кои први сака да ги посети кога ќе дојде во Македонија во заедничка видео-порака со својот сопруг. Таа ќе ја превземе должноста од Џес Бејли, чиј мандат истече во март, и рече дека целта на нејзиниот ангажман ќе биде зацврстување на врските меѓу двете земји и интеграција на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.
– Веќе 25 години работам како американски дипломат на промоција на безбедноста, напредокот, почитта на човековите права и различности, владеењето на правото и отворените пазари. Возбудена сум да ја продолжам оваа работа во Северна Македонија. САД се горди на силното пријателство со луѓето од Северна Македонија. Ја цениме храброста и професионализмот на вашите војници и очекуваме да ве поздравиме како 30 членка на НАТО. Почестена сум што ја имам можноста да ја зацврстам врската помеѓу нашите две земји. Северна Македонија сега е на својот одбран пат кон НАТО и ЕУ. Тимот во Амбасадата на САД во Скопје и јас ќе работиме за да и помогнеме на Северна Македонија на овој пат и да создаваме нови можности за напредок преку нашата соработка и програми за размена, мировниот корпус и мисијата на УСАИД. Сакаме да продолжиме со придонес кон вашата позитивна иднина – вели Брнс.
Дипломатот минатиот месец положи свечена заклетва како нова амбасадорка на САД во Македонија, а доаѓа од Атина каде што ја вршеше функцијата заменик амбасадор. Претходно таа била заменик-шеф на мисија и заменик-постојан претставник на Мисијата на САД во ОБСЕ во Виена. За време на нејзината кариера, била советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид, била виш цивилен претставник на Одделот за државни функции во оперативната група Бастон/Бронко во Авганистан. Работела како советник за јавни работи во Мисијата на САД во НАТО во Брисел, Белгија, од 2007-2010 година. Таа исто така ги претставувала интересите на САД во Шпанија, Боливија, Унгарија и Турција.