Македонија 20. декември 2018. / 19:43

ЕУ: Услов за безвизниот режим за Македонија да остане е поефективна борба против организираниот криминал

ЕУ: Услов за безвизниот режим за Македонија да остане е поефективна борба против организираниот криминал

За да остане безвизниот режим, ЕУ од осум југоисточноевропски земји бара поголеми напори во борбата против организираниот криминал и несаканата миграција. Меѓу тие земји е и Македонија, пишува Дојче веле.

Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Грузија, Молдавија и Украина досега ги остварија своите ветувања, но мора да сторат повеќе за нелегалната миграција, изјави еврокомесарот надлежен за прашања на миграцијата, Димитрис Аврамопулос во Брисел.

Од Македонија се очекува натамошно зајакнување на граничните контроли, со целосно почитување на фундаменталните права, продолжување на информативните кампањи за правата и обврските за патување без визи, подобрување на ефективноста во спречувањето на организираните криминални мрежи вклучени во трговија со дрога, како и подобрување во делот на истраги и подигнување обвиненија против осомничени лица.

Во најновиот извештај на Европската комисија во врска со другите земји се оценува дека бројот на мигранти кои од Украина, Србија и Босна и Херцеговина дошле во ЕУ е и натаму висок. Многу луѓе од Грузија и Молдавија, според Европската комисија, поднесуваат неосновани барања за азил. Освен тоа, како што се вели во извештајот на ЕК, групи од сите осум земји се занимаваат со трговија на луѓе и на дрога, перење пари или сајбер-криминал во ЕУ. Украина и Молдавија мора да ја зајакнат и борбата против корупцијата.

Осумте земји на кои се однесува извештајот на Европската комисија од 2009 година наваму постепено постигнуваа договор со ЕУ за безвизен режим, односно право на нивните граѓани за влез во Унијата без визи. За возврат тие се обврзуваа на голем број реформи. Украина е последната земја која доби визна либерализација, во јули 2017 година