Предлог одлуката Европската унија да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, како што се наведува во едногласната нацрт- одлука на 27-те земји членки, во која агенцијата Ројтерс вчера имаше увид, денеска се очекува да биде потврдена од министрите за надворешни работи.
Поради состојбата со пандемијата на коронавирусот, министрите нема да отпатуваат во Брисел денеска, туку ќе се состанат преку видеоконференција. Ако ниту една земја не се спротивстави, одлуката се очекува да биде официјално одобрена на самитот на ЕУ на 26 март.
Вчера, сите 27 земји членки, се согласиле дека предложената обновена методологија на Европската Комисија за пристапните преговори е задоволувачка и дека реформскиот прогрес на Македонија е доволен за да се отворат преговорите за членство во Европската Унија.
Првата меѓувладина конференција треба да се одржи “што е можно побргу“, стои во нацрт заклучоците на земјите членки.
Меѓувладината конференција го означува формалното отворање на поглавјата, а претходно Европската Комисија треба да изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од страна на земјите членки.
Со оглед на неизвесноста поради коронав ирусот, никој не се осмелува да лицитира со датуми за сега. Македонија исто така ќе треба да ја подготви својата преговарачка позиција во пресрет на стартот на овој процес.
Заклучоците предвидуваат отворање на преговорите и со Албанија, но за оваа земја се додадени низа услови за отворање на првата меѓувладина конференција.