По вчерашните, максимални за еден ден, 53 нови заразени со корона вирус, бројот на болни од епидемијата се искачи н 485 случаи. Од нив 17 луѓе починаа од компликации од вирусот, а 20 се излекувани. Бројот на заболени, како и починати секојдневно се зголемува. Заболените се од 17 градови, а најмногу има во Скопје (221), во Куманово (93) и во Дебар (49).
Корона вирусот не бира повозрасни, млади или деца, здрави или со претходни заболувања. Така, четири отсто се на возраст до девет години, 3,73 отсто од 10 до 19, 10,35 од 20 до 29 години, по околу 20 отсто во наредните три децении, а речиси 21 отсто се повозрасни од 60 години. Во изолација има околу 10 ипол илјади луѓе.
Меѓу заразените има и здравствени работници во повеќе градови, чиј број секојдневно расте, а најмногу се од Куманово. Затворени се неколку инфективни одделенија во државава поради заболени здравствени работници.
На Универзитетската клиника за инфективни болести се хоспитализирани 61 пациент, од кои 11 се на механичка вентилација. Досега во земјава се направени 4.920 тестирања на Ковид-19.
Според надлежните, пикот на епидемијата на корона вирусот се очекува на крајот на месецов, со проценка бројот на заболени да достигне до 2.000. Според министерот за здравство, Венко Филипче, епидемијата најверојатно ќе заврши со некоја форма на колективен имунитет и ќе постои во одредено ниво додека не се пронајде ефикасна вакцина.
Следејќи ги светските искуства во лекувањето на заболените, на Клиниката за инфективни болести неодамна почна да се применува новата терапија, која е комбинацијата што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин. Терапијата им се дава на дел од пациентите кои немаат ниту мали кардиолошки отстапувања при извршен преглед поради можни одредени контраиндикации од неа.
Во меѓувреме, во некои земји почна да се применува третманот со крвна плазма од веќе излекувани пациенти со Ковид-19, што се покажал како успешен. Од Институтот за трансфузиологија потврдиле дека може да се подготви системот за да се оддели крвната плазма од излекуваните 20 пациенти и да им се даде на заразените со корона вирус.
Во меѓувреме, остануваат на сила мерките и препораките за заштита, според кои, треба да останат дома, да не се групираат, да излегуваат само ако имаат некоја итност, да го ограничат движењето, да не контактираат многу со луѓето, да не се задржуваат во маркетите, да држат дистанца таму каде што има повеќе луѓе, задолжително да одржуваат лична хигиена, често да ги мијат рацете 20-30 секунди, да користат средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња, при кашлање или кивање да го покријат носот и устата со марамче за еднократна употреба и потоа веднаш да го фрлат на безбедно место, а доколку немаат марамче, да ги покријат носот и устата со рака свиткана во лактот.
Граѓаните, пак, кои имаат симптоми типични за корона вирус, како температура, треска, кашлица, отежнато дишење, треба да се јават телефонски кај нивниот матичен лекар, кој преку епидемиолошка анкета ќе утврди дали треба да се тестираат. Доколку треба, преку системот „МојТермин“ тие ќе им закажат точно време и место за тестирање.