Македонија 28. јуни 2020. / 09:28

Епидемијата не се смирува: Секој ден троцифрени бројки на новозаразени, брзо расте бројот на починати

Епидемијата не се смирува: Секој ден троцифрени бројки на новозаразени, брзо расте бројот на починати

Епидемијата на корона вирусот во Македонија и нтаму се шири, а дневниот број на новозаболените од Ковид-19 во земјава и натаму останува троцифрен. Само во последното деноноќие регистрирани беа нови 150 заразени со што вкупната бројка на заболени од вирусот се искачи на 5.906 луѓе. Истовремено продолжува рапидно да се зголемува и бројот на починати лица. Последните бројки на Министерството за здравство известија за нови девет починати пациенти, со што вкупниот број на жртви на епидемијата се искачи на 277.

Тројца од починатите се од Скопје, а шест се од Тетово. Во Тетово вчера имало најмногу смртни случаи за едно деноноќие од кога почна пандемијата. Петмина починаа во тетовската болница, а еден во скопската болница „8 септември“.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вчера почина пациент од Скопје на 79 години. Во ГОБ „8 септември“ починати се две лица од Скопје на возраст 58 и 81 година и пациент од Тетово на 58 години. Во Тетово починати се пет лица на возраст 63, 60, 77, 72 и 69 години.

Скопје останува со најмногу заразени, со тоа што вчера во градот беа регистрирани нови 93 случаи. Во другите градови, пак, вчерашната распределба на новозаразение следната:Куманово – 7, Штип – 3, Прилеп – 4, Тетово – 12, Струга – 3, Битола – 1, Охрид – 9, Гостивар – 3, Кочани – 1, Кичево – 8, Ресен – 5, Неготино – 1.

Што се однесува до активните случаи по општини во Скопје, вчера во Чаир повторно беа регистрирани најмногу заболени, и тоа дури 421 пациент, потоа следува Аеродром со 147 новозаболени, во Бутел – 137, Гази Баба – 151, Центар – 127.

Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.393.

На штипското Инфективно одделение се пополнуваат болничките капацитети со нови пациенти заразени со корона вирусот.

Во моментов на ова одделение се лекуваат 29 пациенти од Штип, но и од останатите општини од источниот регион. Остануваа слободни уште шест болнички кревети. Во Штип досега не е вклучен пациент на респиратор, во моментов двајцата пациенти од оваа општина со потешка клиничка слика се хоспитализирани на Клинките во Скопје.

 

И покрај зголемената бројка на заболени, министерот за здравство Венко Филипче оцени дека во моментов нема индикација за воведување дополнителни рестрикции во движењето.