Во минатото деноноќие Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрира највисок број новозаразени со корона вирусот. Во тој период се потврдени 205 нови позитивни случаи со што вкупниот број новозаболени во Македонија, од почетокот на епидемијата досега, достигна 7.777.
Според податоците на ИЈЗ, регистрирани се и шестмина починати пациенти со што вкупниот број на починати се искачи на 368 луѓе.
Бројот на активни случаи во државава изнесува 3.449 од кои најголем број – 1.871 се во Скопје, а потоа следат Тетово со 324 случаи, Куманово со 164 случаи, Штип со 161 случај, Струга со 147 случаи…
Меѓу оздравените е и 20 – годишен пациент кај кого корона вирусот предизвикал воспаление на мозокот. Ова е шестти познат случај во светот каде Ковид-19 развил ваква клиничка слика, велат докторите од Градската општа болница „8 Септември“ кои му го спасиле животот на младиот човек.
На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 92 пациенти од кои на кислородна поддршка се 59 пациенти, нема пациенти на респираторна машина. Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 96 пациенти од кои на респираторна машина се четворица пациенти. Во болницата во Козле се хоспитализирани 19 возрасни пациенти, две деца, а едно е суспектно на вирусот.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, а во болницата во Штип се хоспитализирани 46 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 112 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.