Тројца починати и нови 168 регистрирани случаи, е македонскиот Ковид-биланс во минатото деноноќие. Таквите бројки покажуваат дека епидемијата не стивнува, иако надлежните уверуваат дека болниците имаат доволно капацитет за да ги примат пациентите.
Досега се направени вкупно 72.690 тестирања, а моментно, бројот на активни случаи е 3.586.
Според податоците за последните 24 часа, на Инфективната клиника, биле примени девет пациенти, а вкупно се хоспитализирани 92. На кислородна поддршка се 62 пациента, нема пациенти на респираторна машина. Во болницата во Козле се хоспитализирани 20 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, две деца позитивни и три суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ се примени 16 пациенти, хоспитализирани се 94, додека на респираторна машина се четворица. Во болницата во Битола се хоспитализирани 44, а во болницата во Штип 47. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 110 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Не може само да се гледа апсолутната бројка на дијагностицирани пацинети зашто е многу битно како се стигнува до таа бројка, дали се прави широко тестирање или индикација дури и за контактите на заболените кои епидемиолозите одредуват дека се со висок ризик. Кога тие не би ги тестирале, нема да откриеме толкав број на асимптоматски носители. Апсолутната бројка ќе падне, можеби ќе се дозволи влез во некои други земји, но нема да имаме увид во вистинската епидемиолошката слика во нашата земја. Ќе дозволиме да се случи пропуст, да шетаат луѓе кои се асиптоматски носители на вирусот и кои ќе ја шират заразата. Затоа остануваме на овој принцип. Бројката ништо не значи, мора да се знае колкав процент од новодијагностицираните треба да бидат или се во болница, колку се со лесна клиничка слика и колку се асиптоматски – вели министерот за здравство Венко Филипче.
Од почетокот на епидемијата, вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава изнесува 7.572, додека бројката на починати достигна 362.